Powered By Blogger

1. 9. 2013.

Реми со отворени опции во Гостивар

ГОСТИВАР И ПЕЛИСТЕР ПОНУДИЈА И ПОВЕЌЕ ШТО ОД НИВ СЕ ОЧЕКУВАШЕ ДО ФИНАЛНА ПОДЕЛБА НА ПЛЕНОТ
Прва фудбалска лога - 6 - коло
Гостивар - Пелистер 1:1 (1:1)

Градски стадион во Гостивар. Гледачи: 1500
Главен судија: Стојанче Стојанов
Асистенти: Никола Караколев и Сашо Иванов (сите од Штип)
Делегат: Роберт Пластиновски (Ресен)
Стрелци: Лога во 36 минута за Гостивар и Стенио Жуниор во 42 минута за Пелистер
Жолти картони: Челик, Лога (Гостивар), Стенио Жуниор, Воденичаров (Пелистер)
Црвени картони: Лога во 77 минута за Гостивар

Гостивар:
Незири 2,5, Јусуфи 2,5, Шаини 2,5 (од 81м. Ибраими -), Хајдари 2,5 (од 46м. Хајдари 2,5), Челик 2,5 (од 87м. Белули -), Велија 2, Сафери 2, Лога 2,5, Џафери 2,5, Хоџиќ 2, Таири 2,5

Пелистер:
Пашовски 2,5, Брдаровски 2,5, Драгарски 3, Ковачев 2,5, Китановски 2,5, Елмазовски 3, Љамчевски 3, Анастасов 3, Миленковски 2,5 (од 67м. Воденичаров 2,5), Стенио Жуниор 3, Алтипармаковски 2,5 (од 84м. Љубенов -)

Играч на натпреварот: Петар Љамчевски (Пелистер)

Гостувањето на Пелистер привлече големо внимание во Гостивар, Домаќините без капитенот Адмир Демири, тргнаа по втората победа во сезоната, а пелистерци без повредениот Николај Христов и со новајлиите Брдаровски и Ковачев во последната линија. Двете екипи почнаа плашливо и не ризикуваа да примат гол во раната фаза. Во 12 минута Јусуфи се обиде со удар од 25 метри, но гостинскиот голман Пашовски исфрли во поле. Пелистер возврати во 20 минута, кога по корнерот на Филип Миленковски, топката ги прелета сите и на втора статива стигна до бугаринот Ковачев, кој не се координираше најдобро и неговиот удар заврши преку голот. По половина час игра, споменатиот Ковачев погреши, затворајќи ја топката да не излезе во корнер и во продолжението на акцијата, Таири од поволна позиција биеше преку голот. Во 36 минута по една збркана акција на Гостивар по левата страна, центрираше Таири, топката помалку среќно на 5-6 метри од голот стигна до Лога, на кого не му беше тешко да го матира Пашовски. Така фудбалерот кој не беше планиран да го почне мечот и доби шанса откако на полувреме се повреди Цветановски, ги доведе домаќините во водство. Битолчани уште не ги средиле своите редови, а Сефари во 41 минута биеше од 7-8 метри од лево, но Пашовски го затвори поблискиот агол. Пелистер со најубавата акција во мечот, една минута подоцна го израмни резултатот. Акцијата ја почна Петар Љамчевски, одлична топка во празно упати Елмазовски, а бразилецот Стенио Жуниор со лева нога ја пласираше топката во небранетата мрежа. Од бавен и неинтересен почеток, мечот доби на динамика и првото полувреме заврши со по еден гол во двете мрежи.
Почетокот на второто полувреме наговести дека гостите од Битола ќе играат на победа. Но иницијативата на екипата на Бочевски бепе стерилна, само со долг посед на топката. Во 51 минута Илир Елмазовски шутираше од 20 метри, но ударот по земја заврши крај дирекот. На спротивната страна мотивираниот Лога извонредно биеше во 68 минута, но Горан Пашовски со парада ја исфрли топката во корнер. Три минути подоцна резервистот Дехари со глава биеше преку голот, по центаршутот на Шаини. Во последните 15 минути битолчани се фрлија на нападот со влегувањето на Димитар Воденичаров како трет напаѓач. За поголема офанзива на зелените се погрижи до тогаш одличниот Лога, кој симулираше пенал во 77 минута, па судијата Стојанов го испрати во соблекувалната заради втор жолт картон. Иницијативата на пелистерци кулминираше во последните 5 минути. Најнапред Стенио Жуниор побегна во контра, го мина Јусуфи и падна на само 16-17 метри од голот. Судијата Стојанов процени дека било симулација и му покажа жолт картон на гостинскиот напаѓач. Во првата од двете минути од судиското надополнување, огромна шанса креираа бугарските резервисти кај гостите. Љубенов го послужи Димитар Воденичаров, кој од поволна позиција биеше дијагонално по земја, за малку крај дирекот на Незири. Борбено реми во вистински фудбалски амбиент во Гостивар и позитивни вибрации за двете екипи во одредени делови од средбата.  

Нема коментара:

Постави коментар