Powered By Blogger

25. 8. 2013.

Штипските „плави„ го надскокаа Пелистер

ПРВ ПОРАЗ НА ПЕЛИСТЕР ВО ОФИЦИЈАЛЕН НАТПРЕВАР ВО НОВАТА СЕЗОН
Прва фудбалска лига - 4 - коло

Брегалница - Пелистер 3:0 (1:0)

Градски стадион во Штип. Гледачи: 2500
Главен судија: Дејан Јакимовски
Асистенти: Тони Стојановски и Игор Ширилов (сите од Скопје)
Делегат: Адмир Зекировиќ (Скопје)
Стрелци: Илиев во 31, Стојанов во 70 и Аксентиев во 90 минута за Брегалница
Жолти картони: Стојанов, Андонов, Ѓоревски (Брегалница), М. Степановски, Миленковски, Жуниор, Елмазовски (Пелистер)
Црвени картони: Ступиќ во 8 минута

Брегалница:

Божиновски, Ѓоревски, Божинов, Андонов (од 71м. Аксентиев), Здравков, Илиев (од 80м. Шопов), Блажевски, Велковски (од 67м. Христов), Ступиќ, Глигоров, Стојанов

Пелистер:

Пашовски, Китановски, Драгарски, М. Степановски, К. Степановски,  Христов, Мојсов (од 32м. Алтипармаковски), Анастасов (од 67. Љамчевски), Миленковски (од 74м. Марковски), Елмазовски, Стенио Жуниор

Играч на натпреварот: Горан Здравков (Брегалница)

            Двете екипи започнаа агресивно и со видлива желба за освојување на трите бода. Бочевски се определи за Жуниор во шпицот на нападот, а на клупата остана Алтипармаковски. Мојсов стегна заби и покрај незалечената повреда. Во 2 минута по центаршутот на Глигоров, натрча Лазаров Илиев, но неговиот удар Драгарски го изблокира во корнер. Се играше 8 минута кога судијата Дејан Јакимовски му покажа директен црвен картон за домашниот напаѓач Ступиќ, заради намерен удар со лакт врз Николај Христов на средината на теренот. Авторитетна и строга одлука на младиот скопски судија, но одлука која не ја спречи грубата игра во продолжението. Во 16 минута Горан Здравков убаво во празно го пронајде Илиев, овој биеше од прва, но ја погоди стативата на веќе совладаниот Пашовски. Пелистер се консолидира и на два пати се обиде преку Николај Христов од дистанца. Најнапред во 20, а потоа во 23 минута бугаринот биеше одлично, но Божиновски буден на голот на два пати одбрани. Клучниот момент во првиот дел се случи по половина час игра. Глигоров мина по десната страна и одлично нафли во срцето на казнениот простор, каде меѓу двајцата централни дефанзивци на Пелистер, високо скокна Илиев и ја смести топката зад грбот на Пашовски за домашно водство. Пелистер брзо реагираше. Алтипармаковски го замени Мојсов, а во 34 минута Миленковски упати бомба од 30 метри во пречката од голот на Брегалница. Битолчани ја превзедоа иницијативата и пак преку Миленковски имаа шанса во 43 минута, но со послабата десна нога, гостинскиот фудбалер биеше премлако за да го израмни резултатот. Првиот дел заврши со прекрасниот слободен удар на Здравков и парадата на Пашовски во корнер, во судиското надополнување. Брегалница борбена и со човек помалку, трчаше повеќе од противникот во првиот дел.

            Пелистер продолжението од мечот го почна со две големи шанси. Најнапред по корнерот на Кире Степановски, неговиот брат Менде имаше голема шанса од 5 метри, но Божиновски среќно одбрани. Минута подоцна Анастасов фати убав волеј, но за малку биеше непрецизно над голот. Во 62 минута од дистанца се обиде и Томе Китановски, но шутот заврши неколку метри крај голот на Брегалница. Во 67 минута од слободен удар Кирил Степановски го истегна домашниот голман Даниел Божиновски, кој со парада ја сочува својата мрежа. Одлуката околу победикот падна во 69 минута. Најнапред гостинскиот капитен Пашовски го одбрани зицерот на Велковски, по акцијата на Здравков. По корнерот  кој следеше, а го изведе сеприсутниот Здравков, високо скокна дефанзивецот Стојанов и ја „закова„ топката во гостинската мрежа за 2:0. Убедливо водство на штипјани и очајнички обиди на гостинската клупа со внесувањето на Марковски и Љамчевски да направи пресврт. Токму Благојче Марковски во 83 минута ја погоди мрежата од надворешната страна, а три минути подоцна ударот на Стенио Жуниор за неколку сантиметри заврши крај стативата. Финалните 3:0, домашните плави ги поставија во судиското надополнување, кога по контрата лансирана од Здравков, резервистот Аксентиев изби пред Пашовски и рутински ја пласираше топката во небранетата мрежа. Убедлива победа за Брегалница и лидерско место на првенствената табела, а за Пелистер прв пораз во овој шампионат и можност за поправен испит веќе в среда во Битола против Металург. 

Нема коментара:

Постави коментар