Powered By Blogger

19. 8. 2013.

Мечот со турновци остави силни последици по Пелистер

КАЗНИ И ПОВРЕДИ ЗА ФУДБАЛЕРИТЕ НА ПЕЛИСТЕР ПО НЕДЕЛНОТО ДЕРБИ СО ХОРИЗОНТ ТУРНОВО
Ремито со Хоризонт Турново го потврди целиот прогрес на Пелистер за разлика од минатата сезона, но и лимитите на екипата на Бочевски. Цврстата одбрана и карактерот со човек или два помалку е дополнителна вредност на екипата од Битола. Но неиграњето на Жуниор, тешката повреда на Главевски и недостатокот на адекватна замена на позицијата прв напаѓач и тоа како се почувствува против затворен противник како турновци, се додека пелистерци не останаа со човек помалку.
Како и минатата сезона голем проблем за битолчани е недисциплината. Три црвени картони во три кола е сериозна опомена дека младата екипа на Бочевски мора да го поправи однесувањето на теренот. Два од трите црвени картони беа заради професионални прекршоци, а оној на Стенио Жуниор во Тетово останува без објаснување и без логика. Двајцата младински репрезентативци Христијан Драгарски и Томе Китановски нема да настапат во среда во Струга во мечот од 1 коло од националниот Куп, но ќе се вратат за гостувањето во Штип наредниот викенд. Загрижува повредата на Риад Демиќ, за кого магнетната резонанца ќе покаже колкав ќе биде периодот на одсуство и рекуперација. Така со Караорман стручниот штаб ќе мора да го менува тимот, а единствено сигурно е дека ќе настапи бразилецот Жуниор, кој во неделата нервозно подскокнуваше на шансите на соиграчите во ложата во Битола, без можност да влезе во игра и да помогне. Оваа недела во Струга и Штип, најскапото засилување на Пелистер има доволно можности да потврди зошто е доведен во нашето првенство. 

Нема коментара:

Постави коментар