Пелистер - Шкендија 1:1 (0:0)
Во полн „жар„ на борбата во 82 минута нововлезениот Илир Елмазовски, кој играше против својата бивша екипа и Ертан Демири влегоа во вербален дуел, по кој Александар Ставрев ги исклучи и двајцата. Во второ полувреме со многу емоции, имаше и тврди предмети на тревникот и дури 7 минутно надополнување. Можеби немаше кој знае каков квалитет, но мечот под „Тумбе кафе„ ја враќа вербата во домашниот фудбал.
Градски стадион „Тумбе кафе„ - Битола.
Гледачи: 4.000
Главен судија: Александар Ставрев
Асистенти: Марјан Кировски и Дејан Костадинов
(сите од Скопје)
Делегат: Јованчо Пилешков (Штип)
Стрелци: Димитровски во 86 минута за Пелистер,
а Ејупи во 80 минута за Шкендија
Жолти картони: Главевски, Китановски
(Пелистер), Цуцули, Бериша, Аљии, Незири, Хасан (Шкендија)
Црвени картони: Елмазовски (Пелистер) и Демири
(Шкендија) во 83 минута
Играч на натпреварот:
Драган Димитровски (Пелистер)
Близу
4.000 гледачи под Тумбе кафе го одбележаа враќањето на Пелистер во најсилното
друштво. Во извореден амбиент, уште гледачите неподготвени за натпреварот,
зелените можеа да поведат. Имено во 4 минута Главевски мина по десната страна,
центрираше по земја, натрча Димче Ристевски и биеше од само неколку метри, но
довчерашниот голман на Пелистер Трајче Ников изворедно одбрани. Битолчани
осоколени тргнаа со иницијатива, но не редеа шанси пред голот на Шкендија.
Тетовчани со удари надвор од казнениот простор парираа. Така Таипи во 7 и Емини
во 35 минута шутираа од над 25 метри, но преку голот на во првото полувреме
незапослениот Коруновски. Израмнетиот прв дел мина без големи емоции и со многу
повеќе желба од организирана игра. Вториот
дел драстично не го смени интензитетот на средбата. По некоја полушанса и малку
работа за двата голмани. Влегувањето на Илир Елмазовски во 52 минута ги
раздвижи зелените и во 58 минута Миленковски од центрашут се обиде да го
изненади Ников. Возвратија црвено-црните со незгодниот удар на Реџепи во 60 и
ударот со глава на Ејупи во 68 минута. И
кога Горазд Михајлов го засили нападот и се очекуваше Пелистер да тргне по
трите бода, шок за битолската публика. Навидум безопасната топка во казнениот
простор на зелените, домашната одбрана не ја расчисти, се придодаде Ејупи и ја
втурна топката во мрежата на Пелистер. Главевски само 7 минути подоцна со глава
имаше „зицер„ но Ников изворедно одбрани. Но по корнерот кој следуваше, Павлов
центрираше, Димитровски со глава ја „заби„ топката во небранетата мрежа. И во
игра 10 на 10 двете екипи како мечот одминуваше како да изгледаа помотивирано,
па тргнаа по трите бода. Сепак енергијата недостигаше, па и покрај 7 минути
надополнување остана борбеното реми. Аплаузите по мечот реално ги одсликуваат
работите на теренот, во мечот кој го одбележа враќањето на Пелистер во елитата.
Горазд Михајлов
(тренер на Пелистер)
Со оглед на квалитетот на противникот
задоволен сум од прикажаното. Се ќе беше поинаку ако во 3 минута Димче
Ристевски постигнеше гол од идеалната шанса. Верувам во оваа екипа, покажавме
карактер и успеавме брзо да се вратиме по водството на противникот. Задоволен
сум и од амбиентот од посетата под Тумбе кафе и мислам дека екипата само ќе
напредува како првенството ќе одминува.
Ибраим Љума
(тренер на Шкендија)
Во првото полувреме игравме малку претпазливо,
но во вториот дел задоволен сум што од две-три зрели шанси постигнавме еден
гол. Сепак Пелистер е квалитетна екипа и бод во Битола е добар резултат. Не сум
најзадоволен од судењето, бидејќи во првиот дел судијата ни додели многу жолти
картони. За судија од таков калибар очекувавме подобар критериум.
Елмазовски и
Демири обострано исклучени
Во полн „жар„ на борбата во 82 минута нововлезениот Илир Елмазовски, кој играше против својата бивша екипа и Ертан Демири влегоа во вербален дуел, по кој Александар Ставрев ги исклучи и двајцата. Во второ полувреме со многу емоции, имаше и тврди предмети на тревникот и дури 7 минутно надополнување. Можеби немаше кој знае каков квалитет, но мечот под „Тумбе кафе„ ја враќа вербата во домашниот фудбал.
Нема коментара:
Постави коментар