ВТОРА ДОМАШНА ПОБЕДА НА ПЕЛИСТЕРЦИ, ВО МЕЧ ВО КОЈ ЌЕ СЕ ПАМЕТИ САМО РЕЗУЛТАТОТ
Пелистер - Напредок 2:0 (1:0)
Градски стадион „Тумбе кафе„ - Битола. Без
гледачи
Главен судија: Дејан Јакимовски
Асистенти: Дејан Неделковски и Дејан
Димитријевиќ (сите од Скопје)
Делегат: Гоце Марковски (Охрид)
Стрелци: А. Вељановски во 24 и Ристевски во 90
минута за Пелистер
Жолти картони: Елмазовски, Лазаревски,
Ивановиќ (Пелистер)
Црвени картони: нема
Во лош и не многу креативен натпревар,
Пелистер и Напредок не ги оправдаа очекувањата, па ќе се памети само
резултатот, а тој дојде како плод на еден инвидуален потег. Мечот на старите
ривали на празниот „Тумбе кафе„ почна со бавен ритам, со 20 минути без закани,
со шаховско надмудрување во отворањето. Сепак на половина од првиот дел,
летаргичноста ја разби Главевски, кој од тешка дистанца со десната нога го
погоди дирекот на кичевчани, а Ристевски ниту од одбиената топка не го пронајде
патот до мрежата. Само 5 минути подоцна по првиот домашен корнер, кој го изведе
Елмазовски, одбраната на Напредок не расчисти, па Александар Вељановски „фати„
извореден волеј кој погоди некој од одбранбените гостински играчи и го измами
Горан Пашовски. 6 минути подоцна и Павлов се обиде од дистанца, но неговиот
млак удар заврши крај голот. Иницијативата на Пелистер можеше да донесе втор
гол по акцијата на Елмазовски, но стрелецот А. Вељановски за малку задоцни, па
Пашовски сигурно интервенираше. Првото полувреме скоро и да заврши, а Напредок
не се ни закани. Единствено Симјаноски директно од корнер во 43 минута се обиде
да го „фати на спиење„ но Коруновски расчисти. Во
вториот дел битолчани почнаа поспано, па нововлезениот Дејан Цветаноски со
глава ја имаше првата закана за Напредок по одморот. Екипата на Бочески почесто
ја имаше топката во свој посед, но многу неконкретно во опасната зона блиску до
Коруновски. По еден час игра, домашната клупа го повлече Елмазовски за да влезе
Драгарски, а Тони Вељановски се префрли да го згусне средниот ред. Филип
Миленковски со удар од далечина го разбуди мечот во 65 минута, но биеше по
средината од голот на Пашовски. Кога во 73 минута се повреди Сашо Лазаревски и
во игра влезе Ивановиќ, домашниот тренер Горазд Михајлов го искористи максималното
право на замени. Пелистер го умртви натпреварот и предолг период се играше без
директен удар кон двата гола. Напредок во недостаток на идеи од два слободни
удари на Жарко Симјаноски опасно се закани, но зелените имаа среќа. Во
последните 5-6 минути најнапред Лескароски два пати интервенираше со глава, а
потоа од контранапад Китановски не проигра најпрецизно со стрелецот Вељановски.
Но длабоко во судиското надополнување, Тони Вељановски беше инспиратор на
контранападот, по кој Анастасов и Главевски убаво пренесоа до Димче Ристевски,
а капитенот пласираше крај безпомошниот гостински голман Пашовски. Пелистер
слави важни три бода по несреќниот пораз на „Филип 2 арената„ во Скопје во
средата.
Нема коментара:
Постави коментар