Powered By Blogger

28. 9. 2012.

Пелистерци мотивирани и оптимисти пред дербито

ПО ЕДНОГОДИШЕН ПОСТ НА СЦЕНА ПАК НАЈГОЛЕМОТО ДЕРБИ ВО ИСТОРИЈАТА НА МАКЕДОНСКИОТ ФУДБАЛ
Откако го верификуваа пласманот во четвртфиналето на Купот, фудбалерите на Пелистер се насочени кон мечот кој толку долго го чекаа. Без разлика каде се на табелата, Пелистер и Вардар во „вечното дерби„ секогаш се мотивирани и тој меч е меѓу ретките работи во нашиот фудбал. кој треба да се издвои.
Зелените, иако со шест бода дефицит патуваат во главниот град, зрачат со оптимизам, посебно по добрата партија со Ренова минатиот викенд. Еден од најискусните, капитенот Димче Ристевски, ги мотивира своите соиграчи пред дербито:
                „Добро знам што значи овој меч и од едниот и од другиот табор. Ако има некој натпревар во нашиот фудбал за кој се зборува со месеци и за кој не треба посебна мотивација, тоа  е овој меч. Знаеме се за квалитетите на Вардар и нивниот домашен биланс оваа сезона, но знаеме дека и ние можеме и тоа како, да го одиграме натпреварот на сезоната. Нашата лоша серија на гостувањата, кога-тогаш ќе заврши, а ова е идеалниот момент за тоа. На крилата на нашите навивачи, верувам дека ќе го дадеме максимумот. Впрочем на „Филип 2 арената„ веќе одигравме одлично со Работнички, но не освоивме ниту бод. Сега се надевам на подобар плен„ заврши Ристевски, кој често во црвено-црниот дрес беше кобен за своите пелистерци.
                Откако дојде во Пелистер, тренерот Горазд Михајлов инсистира на надигрување и на офанзивен фудбал, па и за ова гостување најави игра на победа. Слатки грижи му создаваат напаѓачите кои се разиграа, па на последниот меч во шампионатот и двата Куп меча со Баби, погодија скоро сите офанзивни фудбалери: Димитровски, Главевски, Б. Марковски, Н. Марковски, Рутевски, А. Вељановски. Освен повредениот Павлов, кој се бори со времето за стигне за да биде во комбинација за в недела, сите останати фудбалери му се на располагање на тренерот Михајлов, вклучувајќи го и опоравениот Елмазовски. 
                Минаа 5-6 години од последната победа на Пелистер во Скопје, кога под водство на Неџат Хусеин, битолчани го совладаа Вардар на гости со 1:3 со трите гола на бразилецот Миранда (единствен хет-трик на играч на Пелистер во вечното дерби). Ова дерби цела една сезона му недостигаше на македонската фудбалска јавност, па битолчани порачуваат сега кога дојде редот на првиот дуел оваа сезона, сите да уживаме во најдоброто од македонскиот фудбал.

Лескароски: „Можеме со секого„

                Еден од ретките фудбалери, кој не потекнува од школата на Пелистер, охриѓанецот Дејан Лескароски, брзо се вклопи во „механизмите„ на тимот и е незаменлив во првите 7 кола. „Од натпревар во натпревар играме се подобри и расте нашата самодоверба. Мислам дека во вистинско време доаѓа мечот со Вардар. Со вистински пристап, без преголем респект за лидерот, верувам во успех. Впрочем и Вардар знае дека има работа со се подобар и подобар Пелистер„

„Зелено-бел воз„ в недела тргнува за Скопје

                Управата на Пелистер уште од поодамна добро го организираше гостувањето на навивачите во главниот град. В недела од 13:00 часот од Битола ќе тргне воз со 500-600 навивачи на Пелистер и веднаш по натпреварот од 22:00 часот ќе се врати во градот под Пелистер. Голем број на „Чкембари„ и симпатизери на зелено-белата боја, ќе се упатат на „Филип 2 арената„ за последниот натпревар од 8 коло.

27 роденден „Чкембарите„ го слават во Скопје

                Оваа недела најстарата организирана навивачка група во Македонија, битолските „Чкембари„ слават 27 години од формирањето. Како дел од оваа манифестација беше организирана хуманитарна акција за дарување на крв од битолските навивачи во Клиниската болница - Битола во четвртокот и голем дел од „12 играч„ на Пелистер се одзваа на оваа племенита иницијатива. Завршната манифестација треба да биде за време на натпреварот, в недела. Нешто слично пелистерци направија при организацијата на 25 роденден, кога играа во Битола со Металург и натпреварот заврши 0:0.


Нема коментара:

Постави коментар