Битолската параолимпијка не направи горди со првото злато од најголемиот спортски собир за нашата земја.
Битолчанката Оливера Наковска Бикова испиша
златни страници во историјата на македонскиот спорт откако се закити со најсјајното
одличје на Параолимписките игри што се одржуваат во Лондон. Македонската
репрезентативка го освои првото место во стрелаштво, дисциплина воздушен пиштол
од растојание од 10 метри откако доминираше во текот на целиот натпреварувачки
ден. Наковска Бикова најпрвин беше фантастична во текот на квалификациите,
успевајќи да постави нов светски рекорд со остварувањето од 381 круг.Тоа широко и ги отвори вратите кон
успехот, па македонската репрезентативка делуваше сигурно и во финалето, каде
што со резултат од 94,7 кругови го осигура првото место и го заврши
натпреварувањето со златен медал на градите. Со тоа, Оливера Наковска Бикова ја
круниса својата одлична кариера, откако на претходните две Параолимписки игри
за малку не стигна до медал.
Наковска Бикова: „Огромна е возбудата по
златниот медал“
Очекувано огромно е задоволството во
македонскиот табор по вчерашното освоено злато на Оливера Наковска Бикова на
Параолимпијадата во Лондон, прво за нас по 1992 година кога во Барселона до
најсјајното одликување стигна актуелниот тренер на параолимпијците Бранимир
Јовановски. Нескриена е се уште возбудата и кај Наковска Бикова која успеа да го
постигне својот најдобар резултат во кариерата, сето тоа заокружено со светски
рекорд и златен медал...
„Возбудата не може да се сокрие. Секако
пресреќна сум, за себе и за Македонија. По првите одлични серии потоа успеав да
останам концентрирана до крај што неизбежно ме однесе до златниот медал“ – вели
Оливера, ден по нејзиниот ден за паметење. „Македонија треба да биде
горда на големиот успех кој го постигна Оливера. Треба вистински да се разбере
тежината на постигнувањето кое уште еднаш ја прослави Македонија. Постигна
навистина одлично постигнување ако се знае дека подготвителниот период не
течеше комплетно според нашите посакувања. Но и покрај проблемите овде во Лондон
успеавме пред се психички да се подготвиме и да дојдеме до овој голем резултат“
-
истакнува и тренерот Бранимир Јовановски нагласувајќи дека нема многу време за
прослава затоа што веднаш следат подготовките за новите настапи. „Верувам дека нема да застанеме само на овој
медал. Веднаш почнуваме со подготовките за другите две дисциплини на кои ќе
настапат нашите натпреварувачи. Во добра форма се и двајцата па очекуваме нови
позитивни вести од стрелачкиот турнир“ - дополнува Јовановски. Ванчо Каранфилов и Оливера Наковска Бикова
новите натпреварувачки активности ги имаат веќе во понеделник во дисциплината
спортски пиштол, за да финишираат на 6. септември во дисциплината пиштол -
слободен избор.
Нема коментара:
Постави коментар