Powered By Blogger

23. 9. 2012.

Тренинг победа на пелистерци

СО ПОЛОВИНА СИЛИ КОМБИНИРАНИОТ ТИМ НА ПЕЛИСТЕР ОБЕЗБЕДИ КУП ОСМИНАФИНАЛЕ
Пелистер - Славеј Мешеишта 6:0 (4:0)

Градски стадион под Тумбе кафе - Битола. Гледачи: 200
Главен судија: Васко Мавров (Струмица)
Асистенти: Ѓорѓи Карајанов (Гевгелија) и Златко Зафиров (Валандово)
Делегат: Јован Магдески (Прилеп)
Стрелци: Рутевски во 29, Мустафов во 34, А. Вељановски во 40, Т. Магловски во 45, Главевски во 70, Н. Марковски во 75 минута за Пелистер
Жолти картони: нема
Црвени картони: нема


По неверојатно жешко време, Пелистер само во првите 10 минути креираше 4-5 идеални шанси за гол. Димитровски со глава, Марковски од само 5 метри и Александар Вељановски од десната страна не беа најприсебни при реализацијата. Требаше Благојче Рутевски од слободен удар да бие прецизно во 29 минута, за да го отвори резултатот. Битолчани играа послободно по постигнатиот гол и редеа шанси пред голот на Никола Стрезоски. Пет минути по водечкиот гол, Никола Марковски убаво во празно го проигра Бурхан Мустафов, кој со помош на дирекот зголеми на 2:0. Во 40 минута Александар Вељановски биеше од 15 метри, Н. Стрезоски кратко одби, но не успеа да ја исконтролира топката и таа заврши зад неговиот грб. Рутевски беше инспиратор и на четвртиот гол, кога по неговата долга топка, Мустафов го послужи Тони Магловски, а овој од неколку метри ја втурна топката во празната мрежа. Во вториот дел исто така се играше на само една половина, со серија на шанси за екипата на Горазд Михајлов. Најубавиот момент во мечот беше „минијатурата„ на Главевски, кој само што влезе во игра ја мина одбраната на Славеј и со дијагонала со левата нога зголеми на 5:0. Никола Марковски се запиша меѓу стрелците на сличен начин со реализација од само неколку метри. Со шест различни стрелци, Пелистер обезбеди осминафинале и подобра клима пред гостувањето на лидерот Брегалница од Штип.

Нема коментара:

Постави коментар