Бруно Пресилски во 5. минута го доведе
Пелистер во водство во мечот со Рудар (5-0), на 23 август 1992 година, со што
стана првиот стрелец на гол во историјата на македонската прва лига. „Тоа беше
шут од дваесетина метри, не толку силен и значаен за мене, колку што беше
историски„ се сеќава Бруно Пресилски на својот прв гол во Првата македонска
фудбалска лига, кој воедно беше и првенец во независна Македонија, постигнат
пред 20 години, на 23 август 1992 година.
„Навистина не бев свесен дека толку поминало.
Тоа беше одлична екипа на Пелистер, а во тој меч од 1. коло славевме против
Рудар од Пробиштип со 5-0. Јас го постигнав голот уште во 5. минута. Веднаш по
мечот некои новинари ми кажаа дека јас сум првиот стрелец на првенствен гол во
независна Македонија„ вели Пресилски.
Тој признава дека во својата богата кариера,
во која освои три шампионски титули со Слога Југомагнат, еден пехар од Купот на
Македонија со истиот тим и уште еден со Башкими, постигнувал и поважни и
поубави голови.
„Многу поубав и позначаен за мене беше едниот
од двата гола во финалето со Башкими против Маџари во 2005 година. Тоа беше
прекрасен удар од далечина со кој го освоивме пехарот„ искрен е Пресилски. Од
таа 1992 година до денес многу работи се сменија и во македонскиот фудбал, но и
во животот и во кариерата на Пресилски. Но по 20 години играчот за врска
повторно е во старото јато, сега како генерален секретар во битолската гордост.
„Многу работи се сменија во фудбалот од тоа
време. Тогаш излегувавме од СФРЈ, имаше многу повеќе квалитет, но и многу
повеќе ентузијазам кај играчите и кај навивачите. За жал, со текот на времето и
со сите оние негативности што се случија во фудбалот кај нас се одврати публиката
од доаѓање на трибините. Ништо не е направено ниту во инфраструктурата, па не е
ни чудо што немаме резултати во Европа. Нема каде да тренираат ни младинските
школи, кои се основата за квалитетен фудбал, едноставно нема вложување за да
бидеме барем блиску до некое европско ниво. Тогаш имаше и многу повеќе клубови
со постабилни финансии отсега„ вели Пресилски.
Неговиот Пелистер по една сезона помината во
Втората лига се враќа во елитата, но тој е реален околу очекувањата и можните
дострели на тимот од под Тумбе-кафе. „Немаме голем буџет, општината ни е главен
финансиер, но ќе извлечеме максимум од она што го имаме. Сакаме сезонава клубот
да се стабилизира, па ако се укаже шанса да направиме и нешто повеќе. Сметам
дека имаме солиден тим, кој нема да стравува за опстанокот. Ќе играме со 23
битолчани од 25-те играчи во првиот состав, што е некоја предност„ вели
Пресилски.
Нема коментара:
Постави коментар