Powered By Blogger

5. 8. 2015.

Пелистер започна да ја гради својата „хемија„: Богдан Николиќ изненадувачки потпиша нов договор

ЗАПОЧНАА ПОДГОТОВКИТЕ НА РК ПЕЛИСТЕР
Долго очекуваниот старт на подготовките на РК Пелистер се случи вечерва на тревнатите терени на стадионот под Тумбе кафе. По работниот состанок во спортската сала „Младост„ тренерот Игор Николовски го започна првиот тренинг на кој беа присутни четири новајлии. Големо изненадување беше враќањето на црногорскиот среден бек, Богдан Николиќ.
Овој ракометар си замина на истекот на договорот во мај оваа година, но откако пропадна можноста да се пресели во Романија, се врати во Битола и потпиша нов договор со битолскиот суперлигаш. „Започнуваме со многу желба, од пред десетина дена и официјално како нов субјект, како акционерско друштво, со нов раководечки тим и изменет состав. За разлика од претходните години кога кубуревме со финансиски проблеми, сега сме во далеку подобра состојба и не чека многу работа да го вратиме клубот каде што сите очекуваат. Ростерот не е комплетен, но работиме на тоа и наскоро ќе пристигнат уште неколку ракометари. Започнуваме во Битола, ќе одиме на базични подготовки подоцна овој месец и со оглед на тоа дека пред нас е силно првенство, многу очекуваме од следниот шампионат„ истакна предводникот на пелистерци, Игор Николовски.
Многу млада екипа имаат битолчани, а имаат и најмлад капитен во името на Стефан Дрогришки. Тој е почестен што ја доби капитенската трака и ветува дека ќе ја оправда довербата на предводник на клубот. „Дојде и денот кој сите го чекавме за наш нов почеток. Огромна чест ми е што сум капитен на овој голем клуб. Знам што значи тоа и каква одговорност носи. Во тимот има и помлади и повозрасни ракометари од мене, но сите заедно веруваме дека можеме оваа екипа да ја надградиме и да бидеме протагонисти оваа сезона„ истакна младинскиот репрезентативец, Стефан Дрогришки. Од новајлиите Петар Топиќ втор пат се соочува со македонскиот ракомет, по авантурата во Металург. Од самиот почеток со многу ентузијазам гледа на новиот проект на Пелистер. „Тренерот на сите ни кажа каква тежина има овој дрес и ние сме тука да направиме потребна „хемија„ меѓу нас и да почнеме да функцинираме како екипа. Знам дека Пелистер е екипа со голема традиција, за која играле ракометни величини како Лазаров и Мојсоски, знам дека е град кој живее за ракометот и верувам дека оваа сезона може да биде сезона на нашето враќање„ изјави корпулентниот хрватски кружен напаѓач. Српскиот голман Арсиќ за разлика од Топиќ беше во Битола пред 40 дена кога го стави својот потпис со Пелистер и почувствува како градот пулсира со ракометниот клуб. „Започнавме со трчање, ова е првата фаза на тренинзи, а подоцна ќе се воигруваме и ќе почниме да личиме на тим. Првите впечатоци од момците ми се позитивни, примен сум многу добро и едвај чекам да почнеме да играме натпревари за да се почувствуваме како ќе функционираме„ истакна бившиот голман на Раднички Крагујевац. Пелистер се обидува да ги комплетира своите редови со уште 3-4 засилувања, покрај Митревски, Арсиќ, Топиќ и останувањето на Николиќ. Деновиве клубот ќе ги објави и деталите од подготовките и дел од контролните натпревари. Денес со работа стартуваше и академијата на клубот со четири возрасни категории и плановите за продукција на ракометари се исто така големи.  

Нема коментара:

Постави коментар