Powered By Blogger

22. 12. 2012.

Оливера, Гордана, Влатко, па сите останати...

СПОРТОТ ВО БИТОЛА ВО 2012 ГОДИНА

Параолимписко злато, учество на шаховска олимпијада, пливачки и мото-крос успеси, враќање на ФК Пелистер во Првата лига, тонење на РК Пелистер. Тоа се главните карактеристики на спортската 2012 за нашиот град
Спортската 2012 има едно име во целата наша држава - Оливера Наковска Бикова. Нејзиниот блесок убедливо најсилно сјае, бидејќи злато, светски рекорд и интонирање на македонската химна не се случува секој ден. Оливера Наковска-Бикова го освои златниот медал на Параолимписките игри во Лондон во стрелаштво со воздушен пиштол на 10 метри, а во квалификациите успеа да го сруши и светскиот рекорд.
Македонската стрелачка имаше најдобар резултат во квалификациите остварувајќи нов светски рекорд со погодени 381 круг. Во финалето таа на овој резултат додаде уште 94,7 круга и со 475,7 круга го освои златниот медал и постави нов рекорд на Параолимписките игри. На втората позиција заврши Русинката Клименченко, а бронзениот медал го освои Јаванмардидодмани од Иран. Ова е втор златен медал за Македонија на Параолимписки игр откако во 1992 година во Барселона, Бранимир Јовановски освои злато во истата дисциплина. „Пресреќна сум, за себе, за Македонија. Успеав да останам концентрирана до крај што неизбежно ме однесе до златниот медал", велеше златната Оливера. Огромна беше радоста и кај нејзиниот тренер, кој знае како е да се биде најдобар во светот. „Македонија треба да биде горда на големиот успех на Оливера. Треба вистински да се разбере тежината на постигнувањето кое уште еднаш ја прослави Македонија. Постигна навистина одличен резултат ако се знае дека подготвителниот период не течеше комплетно според нашите посакувања. Но и покрај проблемите, овде во Лондон успеавме пред се психички да се подготвиме и да дојдеме до овој голем резултат. Верувам дека нема да застанеме само на овој медал" објаснуваше Јовановски. Општина Битола во чест на олимпијката Оливера Наковска Бикова приреди прием во кабинетот на градоначалникот Владимир Талески, а истата вечер на плоштадот Магнолија во овој град организираше голем музичко-спортски хепенинг. На плоштадот Магнолија присуствуваа  многу битолчани, спортисти и сограѓани кои ја поздравија и и го честитаа златото на Накова Бикова на Параолимписките игри во Лондон.
Македонската машка шаховска репрезентација го освои 38 место на Олимпијадата во Истанбул, што е во склоп со рејтингот и можностите на нашите шахисти. Прво име кај нашите велемајстори на 64 полиња беше битолчанецот Влатко Богдановски кој освои 5,5 поени од 8 партии. Долго време единствениот велемајстор од Битола беше во борба и за медал, но како и целата репрезентација потклекна во послендите 2-3 партии.
Битолскиот фудбал имаше година на враќање на старите стази и барем за кратко на старите навики. Под водство на Марјан Секуловски (и на Миле Димов во последните 4-5 средби), ФК Пелистер обезбеди промоција во Првата лига како победник во второлигашката конкуренција. Клубот се преструктуираше и навремено се трансформира во АД со Општина Битола како стопостотен акционер. Клубот застана на здрава основа. Беше доведен Горазд Михајлов за шеф на струката, а како засилувања дојдоа Главевски, Коруновски, Елмазовски, Павлов, Лескароски. Пелистерци беа четврта најгледана екипа во Првата лига и покрај тоа што презимија на 10 место од 12 екипи. Рак-рама беа мечевите надвор од Битола, каде Пелистер освои 1 од можните 27 бода. Така со останатите 18 бода од под „Тумбе кафе„ екипата на Пелистер презими со 4 бода повеќе од Силекс, кој е на местата кои водат во Втората лига. Клубот полусезоната ја заврши пак со Миле Димов на клупата, но на пролет ќе биде водена од нов стратег. Најавите се дека Пелистер значително ќе се засили, ќе има поголем буџет во наредната година, ќе се поработи и на инфраструктурата со реновирање на стадионот и додавање на уште неколку терени со природна и вештачка трева. Плус планирани се и подготовки и Пелистер во ново „руво„ од 3 март кога вториот дел од сезоната почнува со „вечното дерби„ со Вардар. Како и секоја година и во 2012 младинските категории на клубот донесоа трофеј. Пионерите на Пелистер на тренерот Шапковски станаа Куп победници со триумфот во Скопје против Академијата Пандев по изведувањето на пенали. Напоредно со тоа клубската академија на чело со координаторот Сашо Илиевски го подигна нивото на работа, професионалност и резултати. Исто така од приватните школи „Талент„ и „ЛГ Битола„ слушавме само за успеси на домашни и меѓународни турнири, како и развој на многу талентирани момчиња. Одлична година зад себе остава и ЖФК „Топ-гол„ кој одигра добра сезона и под водство на тренерот Грбевски стигна до ситуација да ја пополнува младинската репрезентација со неколку девојчиња. Општинскиот фудбалски сојуз ги реши проблемите со напоредното функционирање на два сојузи со години. Со промените во ФФМ, беше обелоденето дека легален е Сојузот со кој раководи Златко Талевски и токму тој најнормално ги извршува тековните обврски. Од интернационалците од нашиот град, трансфери направија Томе Пачовски од Бершот во Мехелен, Мирко Ивановски од Арка Гдиња во Астра Плоешти и Стефан Спировски кој се врати од Борац Чачак во Работнички. Со изворедна сезона може да се пофали Николче Новевски во Мајнц 05 и Кире Ристевски во албанскиот Билис, а скромна минутажа во грчкиот Ксанти има Марјан Алтипармаковски. Тренерот Марјан Секуловски во својата прва сезона на меѓународна сцена го освои Купот на Мјанмар со екипата Ајејавади Јунајтед. Зад нас оставаме година на видно подобри резултати од претходната, со надеж за постојан развој во периодот кој следи.    
Годината на битолскиот ракомет е за целосен заборав. За прв пат во две децении РК Пелистер не се избори за место кое води во Европа. За титули, полна сала и големи славја веќе одамна не станува збор. Клубот мака мачи за егзистенција и неизвесна е и најблиската иднина. Така во сезоната 2011-12 македонската ракометна гордост заврши на петтото место и по измената на системот на натпреварување на ЕХФ не избори ни Челинџ Куп. Во Купот убедливо загуби во полуфиналето од Вардар Про, кој ден подоцна го освои и трофејот. Во првенството 2012-13 заврши првата полусезона. Екипата претрпе промени, иако и натаму ја води Кире Поповски. Заминаа Везенковски, Чантурија, на кратко и Васко Димитровски (подоцна се врати од Вардар Про), а дојдоа неколку млади ракометари без многу помпа. 7 победи, 1 реми и 4 порази, досега е доволно за четврто место и тоа во лига без Металург и Вардар Про. Најавите се дека на клубот општината ќе му понуди поголем буџет наредната година, иако тоа е далеку од борбата за титули и победи над скопските ривали. Од друга страна РК Битола ги остварува своите цели и како млад суперлигаш стекнува драгоцено искуство за по некоја година со развој на својата школа и растење на буџетот да направи исчекор кон врвот. Вака седмото место од минатата сезона е добар учинок, а и оваа есен со 3 победи и 9 порази, тимот на Петко Босеовски презимува на истото тоа седмо место. Напоредно со клубските обврски, нашата најдобра машка ракометна репрезентација го освои одличното 5 место на Европското првенство во Србија. Селекторот Звонко Шундовски и Бранислав Ангеловски и Стевче Алушовски беа битолските претставници на континенталниот собир. Добро се развива проектот на ракометната школа „Handball Junior School„ на Иван Марковски и Александар Зарков и бројот на нивни членови вртоглаво расте. Добра вест е и возобнувањето на женскиот ракомет. ЖРК Пелистер со млади девојки се натпреварува во Втората лига и на крајот на годината е назначена Андријана Кулевска за нов тренер на екипата.
Не е многу различна ниту приказната со кошарката во градот под Пелистер. Звучи неверојатно но практично без буџет и на база на ентузијазам и само со домашни кошаркари, КК Пелистр по само една сезона се врати од Втората во Првата лига. Со истиот потенцијал предводен од Петковски, Анакиевски, Захариевски и тренерот Печалов екипата обезбеди второ место во Втората лига 2011-12 и доби промоција. Но што со тоа? Никој не подаде рака да се направи структура, организационен проект и екипа и Пелистер без ниту една победа го грее дното на табелата во Првата лига 2012-13 и чека сламка спас во новата година. Единствена позитивна работа е што клубот во предвидените норми се трансформира во АД со единствен акционер Општина Битола и постојат најави дека кошарката нема да остане „сираче„. Со тоа ќе му биде подадена рака да се обезбеди опстанокот, а тој води само со победа во дуелот со Вардар, кој на пролет гостува во спортската сала „Младост„. И во овој случај светлата страна е кај девојките. Иако со младинска екипа, ЖКК Пелистер обезбеди прволигашки статус и веќе половина сезона се натпреварува во најсилниот ранг. Со 2 победи и 6 порази ЖКК Пелистер првата полусезона ја заврши на 6 место и со голема веројатност и наредната сезона. Кошаркарките на „Младост“ - девојчиња родени 1998 и помлади го освоија 3. место на завршниот турнир за шампион на Македонија кој се одржа во Гостивар. КК „Младост“ го освои и второто место на 22. меѓународен младински кошаркарски турнир „Исоар 2012“ кој се одржа во мај во градот Исоар, Франција во организација на „УСИ Баскет“. На турнирот учествуваа 36 екипи од Франција, Македонија, Шпанија и Швајцарија поделени во 4 старосни категории: момчиња и девојчиња родени 1997/98 и 1999/2000.
За прв пат од 2005 година, на патеката Копанки кај Пелистер се одржа една од најстарите спортски манифестација во градот „Пелистерскиот велеслалом„ Уште од 1960 година кога на 9 и 10 април се одржа првиот „Пелистерски велеслалом„ ова натпреварување секоја година до 2005 ја затвораше скијачката сезона. По 7 годишна пауза благодарение на ПСД „Пелистер„, општина Битола и генералниот спонзор АД „Елем„ од Скопје беше возобновена оваа преубава манифестација, на која продефилираа преку 200 скијачи од целата република. На меѓународна сцена битолскиот млад олимпиец Марјан Нашоку не успеа да обезбеди за себе пласман на слаломска трка на Зимските младински олимписки игри во Инсбрук, Австрија, откако не го заврши второто возење. Поради грешка на патеката Нашоку беше еден од 16 скијачи кои не го завршија второто возење. На велеслаломската трка Нашоку  заврши на 31. место меѓу 64 натпреварувачи.
Одлична година и за мото-крос бисерот од нашиот град Христијан Илиовски. На светското првенство во Мотокрос МХ3 во Словенија, на местото Орехова Вас, покрај Марибор на една од најтешките стази во овој дел на Европа, за прв пат во историјата на овој спорт учествуваше и возач од Македонија, и тоа државен и источно - европски првак, Христијан Илиовски со стартен број 86.  На трката учествуваа 59 возачи од 20 европски земји. Во ваква јака конкуренција, а и со сеуште мало искуство на светските првенства, на напорната и влажната стаза која им правеше проблеми и на најискусните возачи, нашиот првак ја заврши првата трка на одличното 24 место, што е истовремено и негово подобрување за 5 места во однос на една седмица порано одржаното Светско првенство во Хрватска, на местото Јастребарско, покрај Загреб. Со голема надеж и самодоверба, истиот ден Христијан влезе и во втората трка, но за жал со многу убедлива позиција во петтиот круг се случи техничка грешка на моторот и по неколку круга и обиди повторно да се вклучи, Христијан сепак мораше да се откажи од остатокот на трката. Но во 2012 година Христијан потврди дека повредата е заборавена и по оваа година на транзиција во 2013 ќе продолжи да не воодушевува со меѓународни успеси. Успесите на пливачите на Пливачкиот клуб Олимпик од Битола повеќе не се изненадување за никој во државата. На Отвореното Државно Првенство на Република Македонија, што се одржа на Олимпискиот базен во Скопје, клубот настапи само со 5 пливачи, но тие во Битола се вратија со дури 18 медали. На меѓународната сцена на третиот Куп на Ниш - меѓународен пливачки митинг учествуваа 28 клубови од Србија, Бугарија и Македонија и репрезентацијата на Србија. Пливачкиот клуб Олимпик од Битола настапи со три пливачи, кои освоија дури седум медали - три златни, еден сребрен и три бронзени, со што го зазеде високото 8 место меѓу клубовите. Оваа година со вообичаени активности се истакнаа и стрелците на СК „Рек Битола„ џудистите и танчерите од ТК „Степ„. Невообичаено неактивни беа гимнастичарите од КГС „Партизан„ но затоа ТК „Битола„ организираше европско првенство за млади категории, а ги поправи и условите за работа на тениските терени „Зодијак„. Добра година за кикбоксерите на КК „Самурај„ и на БК „Пелистер„ со Александар Најдовски како стар-нов државен првак. Гордана Цветковска-Бошевска се закити со сребрен медал и стана вицешампион на светот во категорија до 65 килограми во конкуренцијата кик-лајт на мундијалот во СРЦ „Борис Трајковски„ во Скопје. „Имав доверба дека имам сила да освојам медал и на ова големо натпреварување. Овој сребрен медал е продолжување на резултатите кои ги имам во континуитет на големите натпреварувања. Медалот е голема сатисфакција за она што го работевме во изминатиот период„ рече пресреќната Гордана Цветковска-Бошевска по освојувањето на среброто. За жал годината заврши со најлошата можна вест која ги потресе битолчани. Во 42 година ненадејно почина Атанас Смилков - Кенан, еден од легендарните навивачи и основач на навивачката група „Чкембари„ Смрттта го затекна во годината во која „Чкембарите„ го прославија 27 роденден. Се до декември оваа година ја извршуваше и улогата комесар за безбедност на домашните натпревари на ФК Пелистер.    
                Ни останува уште надеж дека со зголемување на општинскиот буџет и програмата за спорт, дека нашиот град ќе има плодна и побериќетна 2013 година. Започнатото оваа година ќе има ефект само доколку следи надградба во годината која доаѓа.

Нема коментара:

Постави коментар