23.03.2015.

Бодот од Скопје треба да биде пресвртница во пролетта на пелистерци

ПРЕЖАЛЕНИОТ ПЕЛИСТЕР ЈА ПРЕКИНА СЕРИЈАТА НА ПОРАЗИ КОГА НИКОЈ ОД НЕГО ТОА НЕ ГО ОЧЕКУВАШЕ
Ремито во вечното дерби, фудбалерите на Пелистер го доживееа како голема победа. Не само заради голот постигнат во судиското надополнување, туку и за рамноправната игра во поголемиот дел од средбата, со екипа која има повеќе од двојно повеќе бодови на контото, многу посилен и поскап играчки кадар и уште многу детали на негова страна. Пелистер и Хаџиевски излегуваат охрабрени од овој меч и колку што е голем бодот за напредок на табелата, толку многу значи од психолошка гледна точка.
Групата на фудбалери беа обесхрабрени по домашниот пораз од Работнички и лошото прво полувреме со шампионот, но скоро истиот тим одигра далеку подисциплинирано, похомогено и откина бод во Скопје. Сепак колку и да е позитивен резултатот од неделата, тој нема ништо да значи ако не се победи Хоризонт Турново во наредното коло. Иако изгледа далечен мечот со директниот конкурент, стручниот штаб уште од сега го подготвува дуелот со турновци. Денес во мечот на Б екипите со Работнички во Скопје, шанса ќе добијат некои фудбалери кои играа помалку во овие четири официјални средби, но и оние кои се опоравуваат од повредите. Од наредното коло се очекува на располагање на Хаџиевски да му се стават двајцата централни дефанзивци Методија Степановски и Александар Крстески, кои пропуштија голем дел од подготовките, 9 контролни и 4 официјални натпревари. Покрај нив се очекува оваа недела на тренинзите да се вратат Мартин Мирчевски и Јове Трајковски. Двата млади таленти се соочија со различен вид на повреди. Мирчевски доби удар во мускулот во Куманово и не стигна на време да се опорави за мечот со Вардар. Претходно настапи на првите три натпревари. Трајковски заостанува во опоравувањето по декемвриската операција на препоните. Во есенскиот дел одигра голем дел од натпреварите, но сега доцни со физичката спремност и добро ќе му дојде двонеделната пауза. Во овој период екипата на Хаџиевски покрај мечот на Б екипите со Работнички ќе одигра уште еден тест меч, а името на противникот ќе биде познато деновиве. Двајцата младински репрезентативци Мустафов и Чешмиџиев дури наредната среда ќе му се приклучат на стожерот, откако ќе се вратат од Целје од контролниот меч на младите репрезентации на Словенија и Македонија. Пелистер најверојатно ќе одлучи и наредните мечеви да ги игра под Тумбе кафе и да го одложи реновирањето на стадионот за некој месец, како домашниот терен би му бил од помош да го обезбеди опстанокот.

Нема коментара:

Постави коментар