Powered By Blogger

22. 3. 2015.

Бод во 90 минута за Пелистер во „вечното дерби„

ПЕЛИСТЕР ЈА КАЗНИ ВАРДАРОВАТА КУКАВИЧКА ИГРА И ГО ОСВОИ ПРВИОТ ПРОЛЕТЕН БОД 
Прва фудбалска лига - 21 - коло

Вардар - Пелистер 1:1 (1:0)

Национална арена „Филип втори„ - Скопје. Гледачи: 3000
Главен судија: Фатон Мустафи (Тетово)
Асистенти: Насуф Латифи (Брвеница) и Марјан Стојанчевски (Скопје)
Делегат: Илија Митров (Штип)
Стрелец: Ибричиќ во 17 минута за Вардар, а Тодоровски во 90 минута за Пелистер
Жолти картони: Асани, Стојановски (Вардар), Љамчевски, Тодоровски (Пелистер)
Црвени картони: нема

Вардар:
Пачовски, Таневски, Грнчаров, Б. Љамчевски, Блажевски, Дашјан, Стојановски, Глигоров, Ибичиќ, Ивановски (од 76м. Ф. Петковски), Миранјан (од 59м. Асани)

Пелистер:
Драгојевиќ, Петрески, Смоковски (од 83м. Миленковски), Тодоровски, Велковски, Биљали, Мустафов, Цирлидис (од 63м. Анастасов), М. Петковски (од 75м. Станојевиќ), П. Љамчевски, Чешмиџиев

Играч на натпреварот:
Петар Љамчевски (Пелистер)

Тренерот на Пелистер, Ѓоко Хаџиевски се определи за двајца напаѓачи од првата минута и направи неколку промени од тимот, кој загуби од Работнички. Кај Вардар од првата минута почнаа тројца екс фудбалери на Пелистер, а повторно на сцена ќе биде братското дерби Љамчевски. По почетното испитување на силите, од првата убава акција Вардар поведе. Убаво проби Стојановски по десната страна и по земја го проигра Филип Ивановски. Овонј од само 5-6 метри биеше, но Драгојевиќ фантастично одбрани. Но одбраната на Пелистер подзаспа, па Сенијад Ибричиќ од 12-13 метри со удар во поблиската страна ја погоди битолската мрежа. Во моментите кога „Чкембарите„ влегуваа на националната арена, Вардар поведе. Пелистер играше рамноправно на средината на теренот, но воопшто не беше опасен по противничкиот гол. Незгодниот дожд и ветрот не дозволуваше да се игра кој знае колку квалитетно. Стрелецот Ибричиќ се обиде со удар од работ на казнениот простор во 31 минута, но ударот заврши неколку метри крај левиот дирек на Драгојевиќ. Пелистер возврати со удар од голема далечина на Смоковски во 35 минута, но биеше многу непрецизно. Во 40 минута по корнерот на Љамчевски, се обиде Дашјан преку себе, но биеше високо преку голот. Чешмиџиев со обид од преку 40 метри само потсети дека дел од дербито е и Пачовски кој ја имаше првата интервенција. Слично млако, но од многу поблиску шутираше и младинскиот репрезентативец Бурхан Мустафов во 44 минута, но пак само колку да се брои како удар во рамката од голот, а не како опасност по лидерот. Љамчевски се закани во последните секунди, но немаше простор да центрира од левата страна. Вардар со повеќе од просечно издание ја оствари целта и на одмор замина со минимална пердност. Вториот дел започна се две ветувачки акции за битолчани по кои        Љамчевски и Биљали не одиграа најпрецизно при последниот пас. Андреев прв повлече потег од клупата и по еден час игра го внесе Асани на местото на Миранјан. Најубавата акција пелистерци ја изведоа во 60 минута. Петковски и Љамчевски убаво двојно проиграа, десниот бек центрираше, а Цирлидис од свртување се обиде, но биеше над голот на Пачовски. Гркот по овој удар беше заменет со Александар Анастасов во 64 минута. Поспаниот и за напад не многу заинтересираниот Вардар се обиде да го разбуди Дашјан со удар од 22-23 метри во 69 минута, но неговиот шут заврши преку голот. Во 72 минута активниот Асани за малку не искористи недоразбирање во гостинската одбрана меѓу централните дефанзивци и Драгојевиќ. Хаџиевски го внесе Станојевиќ во последните 15 минути на место на Миле Петковски, чие место го зазеде Петрески. Андреев го освежи нападот со внесувањето на Петковски место Ивановски. Асани во 79 минута убаво мина по десната страна, но биеше со за него послабата лева нова и со лош удар упропасти ветувачка акција. Тотално бледиот Дејан Блажевски се обиде од изгледна ситуација и удар од 13-14 метри да го реши победникот во 80 минута, но Драгојевиќ исфрли во корнер. Внесувањето на Миленковски место Смоковски на 7-8 минути до крајот беше последниот обид на битолската клупа, гостинот да остане непоразен. Дејан Блажевски и со глава имаше можност да погоди против бившиот клуб, но многу лошо биеше во 88 минута. Во првата од шесте минути од судиското продолжение, Гоце Тодоровски од мртов агол од позиција од каде се центрира, се одлучи да бие и Томе Пачовски ја испушти топката и му подари бод на својот поранешен клуб. Во многу коректно дерби со само четири жолти картони, Вардар ја прекина успешната пролетна серија, а Пелистер го освои првиот бод оваа пролет. Бод кој многу ќе значи и заради напредок на табечата и од психолошка гледна точка. Следува двонеделна пауза во шампионатот заради двата меча на националната репрезентација.


Нема коментара:

Постави коментар