Powered By Blogger

6. 5. 2015.

Огромен чекор кон опстанокот, Пелистер во вториот дел го совлада Тетекс

ТРЕТ ПАТ ОВАА СЕЗОНА, ПЕЛИСТЕР ГО СОВЛАДА ТЕТЕКС И СОНОТ ЗА ОПСТАНОК СЕГА СТАНУВА РЕАЛНОСТ
Прва фудбалска лига - 29 коло

Тетекс - Пелистер 0:2 (0:0)

Стадион „Борис Трајковски„ - Скопје. Гледачи: 400
Главен судија: Петар Мантев (Неготино)
Асистенти: Илија Гонев и Горан Димитров (Кавадарци)
Делегат: Зоран Недев (Неготино)
Стрелци: Петрески во 52 и Станојевиќ во 57 минута за Пелистер
Жолти картони: нема
Црвени картони: нема

Тетекс:
Д. Павлов, Ослоновскиј, Дробаров, Стојчевски, Филиповски, Мишовски, Божиновски (од 54м. Цветановски), Јованоски (од 52м. Попзлатанов), Начевски (од 46м. Адем), Христов, Чурлинов

Пелистер:
Драгојевиќ, Петрески, Стајев, Талевски, Велковски, Љамчевски (од 82м. Распашковски) , Анастасов, Тодоровски, Станојевиќ (од 62м. Трифуновски), Биљали, Цирлидис (од 75м. Крстески)

Пелистер направи голем исчекор кон обезбедување опстанок во лигата, откако во Скопје го совлада веќе испаднатиот Тетекс со 0:2. Со тоа младата екипа на Ѓоко Хаџиевски потврди дека се наоѓа во одличен момент на форма. Клучен беше почетокот на вториот дел, кога битолчани постигнаа два гола и го решија прашањето на победникот. Во првиот дел, пелистерци почесто ја имаа топката кај себе и беа поактивни, но без зрели шанси за гол, Во 10 минута по акцијата на Цирлидис, србинот Станојевиќ лошо ја зафати топката со волеј и тоа воопшто не беше опасност по Павлов. 4 минути подоцна возврати Чурлинов, но неговиот удар со глава, Милош Драгојевиќ со крајни напори го одбрани. Во 37 минута по центаршутот на Дробаров, гостинската одбрана во последен момент расчисти пред Цветан Чурлинов. Темпото беше многу солидно, посебно ако се знае дека се играше по многу топло време и судијата Мантев во двете полувремиња ги прекина мечот, барајќи тајм-аут. Моментот кој го насочи мечот на страна на гостите се случи во 52 минута. Прилепчанецот Влатко Петрески се одлучи на удар од 17-18 метри и ја смести топката зад грбот на голманот Павлов. Голот ги шокира „штофарите„ и само 5 минути подоцна, по акцијата на Станојевиќ во контранапад, српскиот интернационалец сам ја заврши работата и ја погоди мрежата на Тетекс за 0:2. Во последните 15-20 минути, Пелистер го намали интензитетот, а тренерот Хаџиевски го внесе Крстески место Цирлидис за да ја зацврсти одбраната. Ослоновскиј и Христов по само неколку минути, на два пати се заканија, но Драгојевиќ беше сигурен на голот. Дополнителен пех за тренерот на Тетекс, Горазд Михајлов е повредата на Чурлинов во 85 минута и со оглед на тоа што домаќинот ги искористи сите три замени, Тетекс мечот го доигра со 10 фудбалери. По трет пат оваа сезона, Пелистер го совлада Тетекс и направи голем чекор кон опстанокот. Со поразот на Турново во Штип, Пелистер сега е на само 1 бод до турновци. В недела во рамките на 30 коло, во Прилеп, пелистерци ја дочекуваат Брегалница.     

Нема коментара:

Постави коментар