Powered By Blogger

24. 5. 2015.

Прекрасен меч, четири гола и реми во Прилеп меѓу Пелистер и Тетекс

ПОДМЛАДЕНИ ЕКИПИ, МНОГУ БОРБА И ВИТЕШТВО И РЕМИ ВО ПРИЛЕП МЕЃУ ПЕЛИСТЕР И ТЕТЕКС
Прва фудбалска лига - 32 коло
Пелистер - Тетекс 2:2 (1:0)

Градски стадион „Гоце Делчев„ - Прилеп. Гледачи: 100
Главен судија: Константин Влахо
Асистенти: Игор Ширилов и Дејан Димитриевиќ (сите од Скопје)
Делегат: Ајетали Дервиши (Тетово)
Стрелци: Сулемани во 45 и Љамчевски во 56 минута за Пелистер, а Христов во 55 и Атанасковски во 62 минута за Тетекс
Жолти картони: Мустафов (Пелистер), Атанасковски (Тетекс)
Црвени картони: нема

Пелистер:
Пашовски, Белевски, Атанасовски (од 67м. Георгиевски), Мустафов, Анастасов, Талевски, Трифуновски, Сулемани (од 60м. Кузманов), Мицевски (од 26м. Лавуровски), Петрески, Љамчевски

Тетекс:
Павлов, Филиповски (од 46м. Дробаров), Јовановски, Цветаноски, Костадинов (од 64м. Крстевски), Атанаскоски, Тошевски, Попзлатанов (од 77м. Мурџески), Стојковски, Христов, Мишовски

Играч на натпреварот: Петар Љамчевски (Пелистер)

Со тим преполн со младинци и скоро само со фудбалери од битолската школа, Пелистер за престиж и за клубските бои бркаше четврта победа оваа сезона против Тетекс. Како најава за дуелите на овие две екипи идната сезона во Втората лига, двете екипи по со вода натопениот терен одиграа одличен натпревар. Во 17 минута по убавото додавање на Петар Љамчевски, Енсар Сулемани излезе сам пред Павлов, но биеше за малку крај дирекот и пропадна огромна шанса за водство на домаќините. Три минути подоцна иста таква шанса имаа „штофарите„. По акцијата по левата страна на Цветановски, од пеналтикот биеше Костадинов, но за малку крај левиот дирек на Горан Пашовски. По 26 минути игра заради повреда мораше да биде заменет Стефан Мицевски, а на негово место в игра влезе уште еден младинец, Христијан Лавуровски. По се посилен дожд првиот дел заврши со гол за Пелистер. По акцијата на Љамчевски, младиот Сулемани изби сам пред Павлов го мина и ја смести топката во небранетата мрежа. Во вториот дел и двете екипи покажаа максимално залагање и покрај тешкиот терен. Во 55 минута по еден одпадок во казнениот простор на домаќините, бившиот фудбалер на Пелистер, Симеон Христов распали од 7-8 метри и го матираше Пашовски. Радоста на тетовчани траеше само една минута. По убавото додавање на Мустафов, најдобриот фудбалер на теренот, Петар Љамчевски изби сам пред Павлов и ја пласираше топката во мрежата на гостите. Слична многу убава акција фудбалерите на Тетекс изведоа во 62 минута. По акцијата на Попзлатанов, сам пред Пашовски излезе Атанасковси и ја пласираше топката во поблискиот агол за 2:2. Се редеа шанси пред двата гола, а најзрелата за битолчани ја имаше Трифуновски во 70 минута, но од непосредна близина биеше преку голот. Во самиот финиш во 85 минута гостите бараа пенал заради прекршокот врз Христов, но судијата Влахо не ја прекина играта. Во одличен меч со многу млади актери Пелистер и Тетекс одиграа многу квалитетно и борбено. Ремито е најреален исход на 90 минути во Прилеп.

Нема коментара:

Постави коментар