19.05.2015.

Пелистер го нападна Хаџиевски: „И се извинуваме на навивачите што го избравме Хаџиевски за тренер„

БИТОЛСКИОТ КЛУБ МУ ОДГОВОРИ НА ЃОКО ХАЏИЕВСКИ ЗА ОБВИНУВАЊАТА ВО МЕДИУМИТЕ ВО ТЕКОТ НА ВЧЕРАШНИОТ ДЕН
Откако вчера оставка од тренерското место на Пелистер поднесе Ѓоко Хаџиевски и ѝ се обрати на јавноста потенцирајќи ги проблемите поради кои битолчани испаднаа во Втората лига, денес со соопштение врати управата на клубот.

Соопштението ви го пренесуваме во целост:

„Управата на ФК ПЕЛИСТЕР категорично ги отфрла сите шпекулации, невистини и тенденциозни обвинувања на досегашниот шф на стручниот штаб, Ѓоко Хаџиевски, објавени во медиумите. Имено, неговите наведени констатации околу тоа дека истиот немал никаква поддршка од управата и сопственикот на клубот, ги демантираме со следниве информации кои сакаме да ги споделиме со целата спортска јавност во Македонија. Како прво, можеби ние не сме доволно информирани како работат професионалците, но кај нас, прво се дава отчет во матичната куќа, се донесуваат заклучоци, а потоа преку медиумите се известува јавноста, додека г-динот Хаџиевски прво тргнува од медиумите, притоа заборавајќи од кого и за што е ангажиран. Ако е ангажиран од медиумите, тогаш потполно е во право и му се извинуваме. По слабите резултати во есенскиот дел од првенството, се направи промена на местото шеф на стручниот штаб и се доведе г-динот Хаџиевски со цел да се подобрат резултатите, да се подмлади екипата и на една подолгорочна перспектива да се создаде цврст, стабилен и победнички фудбалки клуб. Хаџиевски претходно, пред стапувањето на должност беше комплетно информиран за моменталната состојба во клубот и запознат со кадровскиот, материјалниот и организацискиот потенцијал со кој се располага за идниот период. Имаше доволно време и можност (декември-јануари), да направи комплетно скенирање на постоечките и новодојдените фудбалери кои беа на проба солиден временски период. Имајќи ја во предвид неговата стручност и долгогодишно фудбалско искуство, управата на клубот сметаше дека овој фудбалски стручњак ќе направи правилна проценка и тријажа на фудбалскиот потенцијал кој што треба да ги носи боите на ФК ПЕЛИСТЕР. Доведени се и четири странски фудбалери (засилувања) и не ни е апсолутно јасно, зошто овој фудбалски стратег го издвојува само голманот Драгојевиќ како право фудбалско засилување. Зарем направил превид со другите три засилувања, каде што тој истиот, за еден од овие тројца, го убедуваше нашиот тогашен селектор, дека под инто треба да добие македонски пасош и веднаш да биде вклучен во “А” репрезентацијата на Македонија. Најверојатно направил погрешна проценка и со останатите двајца. Како управа на клуб, нѐ убедуваше дека со неговото стручно фудбалско знаење за да процени некој фудбалер, потребен му е еден ден. Хаџиевски, имавте многу повеќе од еден ден. Се повикува на тоа дека управата на клубот не му овозможила прави засилувања на екипата во преодниот рок, а за тоа е доволно да си го провери сопствениот и-мејл, на кој му е пратен список со 25 фудбалери од Бразил со видео снимки. Неговиот одговор беше дека нема доверба во бразилските фудбалери и ние како управа го почитувавме тоа мислење. Правото на избор, беше ваше ексклузивно право. Сега тој констатира дека требаше клубот да го напушти уште во февруари, а нас не убедуваше дека овие деца, со добри подготовки и под твое сручно око, ќе експлодираат во вториот дел од првенството. Експлозија се случи, но експлодира ФК ПЕЛИСТЕР. Се повикуваш дека клубот не бил добро организиран, играчите не добивале плата и немале храна. Г-дине Хаџиевски, разговарајте со повозрасните фудбалери на ФК ПЕЛИСТЕР, за да ви кажат дека никогаш поорганизиран, поредовен и со подобри услови за работа не бил ФК ПЕЛИСТЕР. Во подготвителниот период се направени најдобри подготовки во историјата на ФК ПЕЛИСТЕР и беше набавена најсовремена спортска опрема, на ниво на просечен европски клуб. За волја на вистината, на секој тренинг и натпревар, пријателски или натпреварувачки беше присутен дел од управата и претседателот на клубот. Вашиот делокруг на работа беше да го пренесете вашето фудбалско знаење и искуство на фудбалерите на ФК ПЕЛИСТЕР и да обезбедиме опстанок во овој дел од првенството, за што се залагаше управата на клубот, а не дружење со одредени лица од управниот одбор. За тој опстанок, вие добро знаете дека беше обезбедена висока премија. Вашата намера на ваков начин да ги претставите случувањата во ФК ПЕЛИСТЕР, не му доликува на име за како што се претставувате во фудбалските клубови, “дека сите тренери во Македонија и пошироко ви се до коленици (со фудбалско знаење)”. Ваквите констатации ви паднаа во калта, од кое се надеваме дека тешко ќе можете да излезете во фудбалска Македонија. Со извинуваме до сите наши спортски подржувачи, до нашите најверни навивачи, за нашата погрешна проценка при изборот и ангажирањето на големиот фудбалски стратег и стручњак. Ние со кренати глави повторно ќе се појавиме пред нашите битолчани“ пишува во соопштението на Пелистер.

Нема коментара:

Постави коментар