Powered By Blogger

19. 9. 2013.

Ковачев го прекина едномесечниот пост

 ВО КВАЛИТЕТНО НАДИГРУВАЊЕ ПОД ТУМБЕ КАФЕ, ПЕЛИСТЕР ПО ТРЕТ ПАТ СЛАВИ ОВАА СЕЗОНА, А ШКЕНДИЈА ТРЕТ ПАТ Е ПОРАЗЕНА
Прва фудбалска лига - 7 - коло

Пелистер - Шкендија 1:0 (1:0)

Градски стадион „Тумбе кафе„ - Битола. Гледачи: 3500
Главен судија: Далибор Ѓорѓевски (Куманово)
Асистенти: Гоце Николов и Орце Стефановски (Кратово) 
Делегат: Ѓорѓи Костадинов (Скопје)
Стрелец: Ковачев во 44 минута за Пелистер
Жолти картони: Пашовски, Стенио Жуниор, Анастасов (Пелистер),  Аљили, Положани (Шкендија)
Црвени картони: Положани во 83 минута за Шкендија

Во меч кој беше голем фудбалски празник под Тумбе кафе, Пелистер и Шкендија како едвај да чекаа да се надигруваат по двонеделната репрезентативна пауза. По само една минута игра, Алтипармаковски продре по десната страна и убаво центрираше по земја, а Стенио Жуниор на втора статива биеше високо над гостинскиот гол од поволна позиција. Во третата минута соло акција на Томе Китановски, но во завршницата биеше премлако по земја, за да го загрози Јовановски. По првиот прекин во 8 минута, Љубенов изведе слободен удар, Ковачев највисоко скокна, но за малку го префрли голот на Шкендија. Првата закана на гостите во 11 минута ја донесе Ндерим Неџипи со удар од дистанца, но без потреба да интервенира Пашовски. Во 15 минута случајно на Драгарски му се укажа шанса да погоди од само 6-7 метри, по киксот на тетовската одбрана, но дефанзивецот биеше премлако крај голот. Најубавата акција во 20 минута ја „произведоа„ Китановски и Стенио Жуниор, па во продолжението Алтипармаковски од само 4-5 метри биеше премлако за да го открие резултатот. Во 27 минута Љубенов се обиде од слободен удар од работ на казнениот простор, но млако пласираше за да го изненади Марко Јовановски. Иницијативата на пелистерци најблиску до водство беше во 31 минута. Стенио Жуниор ја раздрма пречката од голот на Јовановски, кој во продолжението со парада го одбрани ударот со глава на Марјан Алтипармаковски. Ниту ударите од далечина не им одеа на зелените. Анастасов во 32 и Миленковски во 37 минута биеа за малку крај голот. И Јовановски се разбрани и на пет минути до одморот го одбрани ударот на Филип Миленковски од непосредна близина. И кога не погодија од организирана акција, домаќините по третиот корнер го отворија резултатот. Елмазовски центрираше, гостинската одбрана го занемари централниот дефанзивец Мартин Ковачев, кој од 5-6 метри ја закова топката во мрежата на Шкендија. Гол по вистински момент за во првиот дел далеку подобрата домашна екипа. Реакцијата на црвено-црните од Тетово беше видлива само по две гужви во последната минута, но без интервенција на домашниот голман Пашовски.     
            На стартот од вториот дел, гостинскиот тренер Ѓоре Јовановски го внесе Бејтулаи на местото на Исмаили. И вториот дел почна со закани на пелистерци. Љубенов и Стенио Жуниор во 53 минута се обидоа од дистанца, но без резултат. Најзрелата опција за израмнување гостите ја имаа во 61 минута. Нововлезениот Буњамин Шабани дојде до можност да бие по конфузијата на домашната одбрана, но неговиот удар Христијан Драгарски
го изблокира во поле. Домашниот тренер го освежи тимот со влегувањата на Мојсов и Воденичаров на половина од второто полувреме. По долгиот период без емоции, во 74 минута Стенио Жуниор силно шутираше од 20 метри, но за малку крај левиот дирек на Марко Јовановски. И по шансите на домаќините за 2:0, малку фалеше Шкендија да израмни. Шабани прекрасно центрираше, Мазнов „фати„ прекрасен волеј во паѓање, но Пашовски со извонредна интервенција го спаси битолскиот прволигаш. И минута подоцна домашниот капитен ги спаси битолчани по ударот на Селмани од голема далечина, па во 80 минута го скроти и шутот на денес бледиот Ндерми Неџипи. На седум минути до крајот гостите останаа со човек помалку откако Положани грубо го сруши Стенио Жуниор и заради втор жолт картон мораше предвреме во соблекувалната. По безидејни последни седум минути и три од судиското надополнување, Пелистер го прекина постот од преку еден месец без победа и се приклучи кон водечката група со нешто преку 50% успешност.    


Драган Бочевски
(тренер на Пелистер)

            Мислам дека заслужено славиме посебно со играта во првото полувреме. Во тој период создадовме многу шанси и постигнавме навремен гол. Вториот дел знаевме како да го чуваме водството и се надевам дека оваа победа ќе ни даде ментална снага и во иднина да постигниваме подобри резултати.

           
Ѓоре Јовановски
(тренер на Шкендија)

            Прав првенствен натпревар во кој двете екипи се надигруваа, бидејќи и Пелистер и Шкендија не знаат да се бранат. Со ангажманот и шансите во второто полувреме, мислам дека мојата екипа заслужи еден бод. Прекрасно е да се игра во ваков амбиент и со оглед на тоа што мојата екипа уште се конструира се надевам дека во иднина ќе играме уште подобро.


Нема коментара:

Постави коментар