Powered By Blogger

24. 9. 2013.

Пелистер знае што пропушти на гостувањето во Кичево

САМО ЕДНА МИНУТА ГО ДЕЛЕШЕ ПЕЛИСТЕР ОД ЛИДЕРСКОТО МЕСТО ПО МЕЧОТ ВО КИЧЕВО
Пропуштената шанса да се приклучи на врвот на првенствената табела, како се уште да ги прогонува битолчани. Колку побргу ја заборават последната минута од мечот во Кичево, толку побрзо зелените можат полесно да се концентрираат на следните две цели оваа недела.
Првата е квалификација за четвртфиналето од Купот, а втората победа против Работнички наредниот викенд. Бочевски има проблеми со неколку фудбалери кои од Кичево се вратија со помалку или повеќе сериозни повреди, а мора и да ги штеди силите, посебно на оние фудбалери кои играат од почетокот на сезоната без ниту еден пропуштен меч. Во таа категорија се голманот Пашовски, Китановски, Драгарски, Елмазовски, Миленковски и Алтипармаковски. В среда во Гевгелија се враќа Стенио Жуниор по суспензијата од еден натпревар заради пет жолти картони, но пелистерци ќе мора да ги согледаат проблемите на еден од најпозитивните оваа есен Љамчевски, кој беше заменет против Напредок. Младиот „бисер„ на Пелистер игра фантастично, но не ризикува со повредите, кои според лекарската служба на клубот не треба да загрижуваат. Само што се вратија по повредите Николај Христов и Ѓорѓи Мојсов, па пелистерци за комплетирање ќе мора уште да ги причекаат Ристевски и Главевски кои влегуваат во последната фаза на рекуперација. Денес Бочевски ќе го одржи последниот тренинг пред гостувањето кај Миравци, а предноста од 2:0 од мечот во Битола нуди оптимизам за пласман меѓу осумте најдобри екипи во Купот. Зелените загубија само еден официјален натпревар од одиграни десет мечеви и тоа треба да ги радува симпатизерите на овој клуб. Но примениот гол во последните секунди од мечот со Напредок, ги потврдија лимитите од карактеријална гледна точка и традицијата на лоши резултати во Кичево. Но затоа традицијата од мечевите со Миравци и Работнички кои се ривали оваа недела е на страната на пелистерци. Од споменатите два меча и „вечното дерби„ со Вардар на почетокот од октомври директно зависи како ќе презимат битолчани на крајот од првиот дел од првенството.

Нема коментара:

Постави коментар