Powered By Blogger

22. 9. 2013.

Прокоцкана победа и лидерско место во Кичево

НА ЕДНА МИНУТА ДО ПОСЛЕДНИОТ СУДИСКИ СВИРЕЖ, ПЕЛИСТЕР ПРИМИ ИЗРАМНУВАЧКИ ГОЛ И ГО ИСПУШТИ ВРВОТ НА ТАБЕЛАТА
Прва фудбалска лига - 8 - коло
Напредок - Пелистер 2:2 (0:0)

Градски стадион во Кичево. Гледачи: 1000
Главен судија: Mарјан Ецкоски (Охрид)
Асистенти: Ацо Мацески и Лазе Чакарески (Струга)
Делегат: Рамадан Рамадани (Тетово)
Стрелци: Цветановски во 75 и Мојсовски во 93 минута за Напредок, а Китановски во 48 и Љубенов од пенал во 79 минута
Жолти картони: М. Степановски, Џалески (Напредок), Мојсов, Миленковски, Китановски, Елмазовски (Пелистер)
Црвени картони: нема

Напредок:

Ристовски, К. Степановски, Балажи, Маркоски, Цветаноски, Вељановски (од 60м. Петрески), Раичевиќ, Димоски (од 55м, Мојсовски), М. Степановски, Кркељевиќ, Џалески (од 85м. Вренцоски)

Пелистер:

Пашовски, Брдаровски, Драгарски, Ковачев, Китановски, Христов, Мојсов (од 69м. Љубенов), Љамчевскин (од 56м. Анастасов), Елмазовски, Миленковски, Алтипармаковски (од 88м. Воденичаров)

Играч на натпреварот:
Томе Китановски (Пелистер)

            Во меч кој за двете екипи беше да се биде или не во државниот шампионат и Напредок и Пелистер започнаа претпазливо. Михајлов и Бочевски извадија стартни тимови со само еден напаѓач и ниту една од екипите не ризикуваше. Во 11 минута откако гостинска одбрана не ја расчисти опасноста, околу пеналтикот топката случајно стигна до Христијан Димовски кој биеше преку голот. Пелистер возврати со убавото додавање на Илир Елмазовски кон Алтипармаковски во 25 минута, но кога младиот битолски напаѓач излезе сам пред Борјан Ристовски погреши при приемот и шансата отиде во неврат. Истиот фудбалер и во наредната минута се закани, овој пат со удар до 16-17 метри, но биеше млако, па голманот на Напредок без проблем интервенираше. Како да се чекаше грешка за нешто да се случи и во 32 минута за малку кичевчани не профитираа од еден битолски кикс. Мојсов несакајќи му ја додаде топката на Ристе Маркоски, кој биеше од чиста позиција од работ на казнениот простор, но неговиот удар заврши над голот на Пашовски. Прескромно прво полувреме во кое стравот да не се прими гол преовладуваше кај двете екипи.
            Во вториот дел како да излегоа други екипи на тревникот. По прекрасната топка на Љамчевски во 48 минута, Миленковски изби сам пред Ристовски, кој успеа да му одбрани, а во продолжението на акцијата по центаршутот на Миленковски, на втора статива високо скокна Китановски и ја закова топката во небранетата мрежа (0:1). Голот им остави простор за контранапади за втор гол на зелените. Така Миленковски прокоцка контра 5 на 2 и наместо додавање биеше крај голот. Во 57 минута Алтипармаковски убаво го пронајде Анастасов на кого му се укажа нов зицер, но пак Борјан Ристовски одбрани. Кичевчани главно се обидуваа со удари од дистанца. Кркељиќ во 56 и Маркоски во 59 минута биеа крај и над голот. По еден час игра центаршутот на Кире Степановски не го процени најдобро Пашовски и малку фалеше Напредок на израмни. Најубавата парада во мечот ја направи Ристовски кој во 69 минута пантерски го одбрани ударот со глава на Драгарски. И во 75 минута стигна казната. Кире Степановски изведе слободен удар, на втора статива нерешителни беа Брдаровски и Пашовски и Цветановски со глава во спротивниот агол ја погоди целта (1:1). Пелистер мораше од почеток и веднаш го врати водството. Во 79 минута Алтипармаковски го надмудри Наум  Џалоски, кој одлучи да стартува и судијата Ецкоски покажа на белата точка. Штотуку влезениот Љубен Љубенов го претвори пеналот во второ водство за екипата на Бочевски (1:2). И кога се чинеше дека битолчани ќе го однесат целиот плен од Кичево, најубавата акција на избраниците на Михајлов му донесе реми во 93 минута. Вренцоски двојно проигра со Цветановски и центрираше на пет метри, каде постави нога резервистот Владимир Мојсовски и по втор пат го принуди Пашовски да ја вади топката од сопствената мрежа (2:2). Штета што зелените не издржаа уште неполна минута и пропуштија можност да избијат на првото место на првенствената табела.    

            

Нема коментара:

Постави коментар