ВО ЃОРЧЕ ПЕТРОВ ИЛИ НА НАЦИОНАЛНАТА АРЕНА, ПЕЛИСТЕР ЗНАЕ ШТО
САКА ОВОЈ ВИКЕНД ВО СКОПЈЕ
Како наближува „вечното дерби„ и мечот на Пелистер на гости
кај лидерот, се подига атмосферата и очекувањата кај битолчани и амбиентот
околу Пелистер. Екипата тренира со нормален интензитет, се обидува да ги санира
повредите и да ги одмори фудбалерите кои играа постојано во претходниот еден
месец во ритамот среда-недела.
Неизвесен е настапот на Филип Миленковски, кој
тренира по повредата и неиграњето против Брегалница. За разлика од мечот под
Исарот на располагање на тренерот Марјан Секуловски му се става и Миле
Петковски, кој поради болест не играше на претходниот натпревар. Александар
Анастасов во континуитет игра во стартниот тим во сите 11 официјални мечеви
оваа сезона и со нетрпение го чека мечот со Вардар и според него не менува
многу што мечот ќе се игра на помалиот стадион во населбата „Ѓорче Петров„ а не
на националната арена „Филип втори„ Младиот креативец верува во позитивен
резултат: „Точно е дека Вардар е многу квалитетна екипа, веројатно
најквалитетна во лигата, но тоа не значи дека по автоматизам ќе ги добива сите
натпревари. Ние се подготвуваме како и за секој друг натпревар и не ни значи
многу измената на теренот. На првата средба, пред се во првиот дел и во
завршните 20 минути, покажавме дека знаеме и можеме да играме со Вардар. Само
што овој пат верувам дека нема да бидеме декоцентарирани како во првите 10-15
минути од вториот дел кога го загубивме мечот. Освоивме доста бодови оваа есен,
но тоа не значи дека немаме амбиции да продолжиме во исто темпо„ заклучи
Анастасов. Зелените на последните неколку натпревари го подобрија меѓусебниот
скор со екипата на Вардар, но и натаму само три пати славеле на официјален меч
на теренот на лутиот ривал и тоа последен пат пред две сезони, кога Елмазовски
го постигна единствениот гол од пенал и Пелистер на Здравков, го принуди Вардар
да го отпушти Илиевски. На сите гостувања оваа есен, зелените играат пожилаво и
не загубија ниту во Турново, Тетово, Охрид, Кратово ни Штип. Но за прв пат
играат во главниот град, а веднаш по мечот со Вардар ќе дојде и Куп реваншот со
Работнички. Битолчани веруваат дека оваа
прва четвртина од шампионатот не е случајна и дека и втората ќе биде со сличен
учинок.
Пелистерци патуваат на денот на натпреварот
Иако минатата година обичај беше пелистерци да организираат
карантин ден пред натпреварот, оваа сезона по вина и на клубската несреденост,
екипата патува на денот на натпреварот. Така ќе биде и в сабота, кога зелените
во раните утрински часови ќе се упатат кон Скопје и по редовниот ручек, ќе
излезат на мегдан против вардарци. На стадионот во населбата „Ѓорче Петров„
минатата сезона играа последен пат против Македонија и немаше голови. Случајно
или не во трите последни средби минатата недела против Шкендија, Работнички и
Брегалница, пелистерци пак одиграа 0:0.
Нема коментара:
Постави коментар