Powered By Blogger

26. 10. 2014.

Подмладениот Пелистер носи бод од теренот на Металург

ПАК РЕМИ БЕЗ ГОЛОВИ И ГОЛЕМ БОД НА ПЕЛИСТЕРЦИ ВО ГЛАВНИОТ ГРАД ПРОТИВ МЕТАЛУРГ
Металург - Пелистер 0:0

Стадион во Ѓорче Петров - Скопје. Гледачи: 100
Главен судија: Јосип Бартон
Асистенти: Иса Емрулаи и Дарко Јовчевски (Тетово)
Делегат: Васко Кантарџиев (Струмица)
Стрелци: нема
Жолти картони: Ристовски, Крстев (Металург), Магловски, Тодоровски (Пелистер)
Црвени картони: нема

Металург:
Ефремов, Ристовски (од 83м. Митров), Ѓорѓиевски (од 70м. Шопоски), Лескароски, Радески, Митрев, Петров, Стојановски, Крстев, Ангелов, Тантуровски

Пелистер:
Пашовски, Магловски, Крстески, Ганчев, Динчев, Атанасовски, Анастасов, Тодоровски, Трајковски (од 80м. Љамчевски), Мирчевски, Ступиќ


По лошиот терен и ладното и ветровито време во Скопје, хендикепираниот Пелистер на тренерот Секуловски бараше реванш за поразот во 3 коло во Битола од Металург. Без повредените Главевски, Петковски, Брдаровски, Степановски, Мустафов и Миленковски и без болниот Ристевски, битолскиот прволигаш мораше да „скрпи„ тим за шестото гостување во сезоната. Првата закана од домашната екипа беше ударот со глава на младиот Радески, но неговиот обид заврши крај голот. Пелистер возврати со слободниот удар на Мирчевски, кој заврши високо над голот. Радески со глава се обиде и во 26 минута, но пак не ја погоди рамката од голот на Пашовски. Ангелов шутираше од 23-24 метри во 28 минута, но неговиот удар заврши неколку метри преку голот. На точно половина час од средбата, по неодлучноста на гостинската одбрана и Пашовски, лесно можеше Тантуровски да погоди, но Кирил Динчев од самата гол линија спаси сигурен гол. Три минути подоцна и Тантуровски се одлучи на удар од голема далечина, но пак многу непрецизно. Најзрелата шанса ја имаше Виктор Ангелов во 36 минута, кога излезе сам пред Пашовски, дури и го мина, но отиде премногу в лево и биеше над голот. Капитенот Крстев биеше во 39 минута по акцијата на Ангелов од десната страна, но овој обид на домаќините не заврши со конкретен и опасен удар. Истиот фудбалер се осмели од слободен удар од 30 метри во 41 минута, но Пашовски одби во поле. Првиот дел заврши со нова шанса за Металург, откако ударот на Радески заврши за малку крај левиот дирек на веќе совладаниот Пашовски. Во судиското надополнување откако Бартон превиде чист прекршок врз Магловски, Радески од 5-6 метри ја имаше најзрелата шанса, биеше централно и Пашовски чудесно одбрани. Со малку доза на среќа, Пелистер првиот дел го заврши со почетниот резултат. Вториот дел започна со нов млак обид на Марјан Радески во 51 минута, кој гостинскиот капитен го скроти. Тантуровски пласораше во 59 минута, но пак без потреба да интервенира капитенот на битолчани. Во 65 минута од слободен удат биеше по земја Миле Крстев, но Горан Пашовски беше добро поставен и одбрани. Во 73 минута од изгледна позиција од 16 метри биеше Ангелов, но во блокот на домашните дефанзивци. Во 77 минута на само 5-6 метри од голот на Пелистер, Дејан Тантуровски го згреши приемот и пропадна повеќе од изгледна шанса за Металург. Во последните 7-8 минути, Секуловски го внесе Петар Љамчевски на местото на одличниот Јованчо Трајковски. На почетокот на 90 минута, битолчани јам имаа најзрелата шанса, кога ударот на Тодоровски од 25 метри, домашната одбрана го изблокира во корнер. По 4 минути судиско надополнување, со непопуларни 0:0, тимот преполн од голобради момчиња на Пелистер извлече бод од гостувањето во Ѓорче Петров. Судењето на Јосип Бартон за секоја осуда, преполно со грешки, поголемиот дел од нив на штета на битолчани.            

Нема коментара:

Постави коментар