Powered By Blogger

21. 10. 2014.

Пелистер го возвраќа ланскиот „удар„ од дебармаалци

БИТОЛЧАНИ ПАК КАКО АУТСАЈДЕРИ, НО СО ВЕДРИНА ГОСТУВААТ НА НАЦИОНАЛНАТА АРЕНА ПРОТИВ ЗАБРЕВТАНИОТ РАБОТНИЧКИ
Компактноста на првенствената табела од второто до осмото место, остава простор во шампионатот дури и право на грешка. Но во националниот Куп, Пелистер на Марјан Секуловски денес го има првото финале, а во игра е пласманот во четвртфиналето. Како што свежи се сеќавањата на нереализираниот пенал на мечот во неделата со Хоризонт Турново, така на сличен начин и пред еден месец, пелистерци не реализираа најстрога казна на првит меч со Работнички.
Уште од синоќа битолчани пристигнаа во карантин во Скопје од каде во мир ќе ги подготват последните детали за натпреварот. Повредата на Менде Степановски кој е неизвесен за настап е главната преокупација на стручниот штаб. Со оглед на тоа што ровит е и Горан Ганчев, најмногу дилеми ќе има за партнерот на Крстески во срцето на одбраната. Исто така уште неколку битолчани се жалат на повреди, но ќе отпатуваат со екипата. „Минатата година во четвртфиналето го загубивме двомечот со Работнички. Знам дека тој пораз тешко им падна на многу наши фудбалери. За разлика од тие натпревари сега многу работи се сменија и не патуваме со предност во Скопје. Но јас верувам во оваа група на фудбалерите и во нивните можности. Ако противникот мисли дека лесно ќе не совлада, ќе се излаже. Јас сметам дека нијанси, можеби и само една грешка ќе биде клучна за патникот во наредниот круг„ потенцираше капитенот на Пелистер, Горан Пашовски. Минатата сезона двете екипи се сретнаа во четвртфиналето и на Пелистер не му беше доволна ниту минималната победа на првиот меч од 1:0, бидејќи во реваншот во Скопје, дебармаалци славеа со 2:0. Традицијата посебно во Купот му го „врти грбот„ на зелените, но по серијата на мечеви во кои мака мачеа да креираат и погодуваат, битолчани се надеваат дека на националната арена „Филип втори„ ќе биде поинаку. Денес го имаат најдоброто можно сценарио за изненадување, кое може да ја „подотвори вратата„на фудбалска Европа.

Нема коментара:

Постави коментар