Powered By Blogger

3. 10. 2014.

Фаворит е Вардар, но сплотеноста на пелистерци опоменува

ФУДБАЛЕРИТЕ НА ПЕЛИСТЕР ЗНААТ КОЈ Е ФАВОРИТ, НО НЕ НИ ПОМИСЛУВААТ НА „БЕЛО ЗНАМЕ„ ПРОТИВ ВАРДАРЦИ
Не постои екипа во домашниот фудбал против која Пелистер има така лош меѓусебен скор како против Вардар. До пред 4-5 години меѓусебните дуели беа изразито на страната на Вардар, а со последните 3-4 сезони, битолчани фатија приклучок.
Но само три пати зелените славеле во мечеви за бодови во главниот град во повеќе од две децении. Две од тие три победи се во новиот милениум и врз база на таа подобрена традиција, битолчани гаат надежи дека нивниот позитивен момент ќе продолжи. Не загубиле од мечот од третото коло со Металург, а од тогаш минаа скоро два месеци. Фудбалерите на Марјан Секуловски во Битола се со третман на херои, бидејќи по кој знае кој пат се издигаат над организационите проблеми и несреденоста во клубот, која влијае и на нивните приходи. Но велат битолчани екстремно го сакаат Пелистер, а посебно страста и љубовта се изразува кога доаѓа време за „вечното дерби„ Плановите на тренерот Секуловски му ги поремети поместувањето на мечот за ден порано. Секуловски ќе води со себе 20 фудбалери и во последен момент пред мечот ќе одлучи кому ќе му даде доверба. Неколку фудбалери се жалат на повреди и болки, но на ваков натпревар се игра и ненајподготвен. Екипата со најдобра одбрана во лигата ќе биде на силен тест против најскапиот македонски клуб. Но минатата сезона парите и организацијата во клубот не донесоа резултати и разлика на теренот, каде по еднаш славеа и Пелистер и Вардар, а еднаш беше нерешено. Столбот на одбраната на зелените Менде Степановски веројатно ќе биде на искушенија против лидерот, но не му недостига искуство покрај фудбалери како Крстески и Ганчев и зад нив капитенот Пашовски. „Против Вардар имам многу пријатни спомени, но најдраго е кога славиме во „вечното дерби„ Ние играме и се однесуваме многу обединето, сплотено и љубителите на фудбалот и навивачите тоа го препознаваат. Но и покрај 15 освоени бода, успех во мечот со најголемо ривалство во нашиот фудбал има посебен шарм. Не верувам дека на теренот ќе се забележи голема разлика помеѓу екипите, иако извесно е дека фаворит е Вардар. И заради квалитетот и заради домашниот терен и лидерското место. Но нам ни одговара кога сите ни даваат помали опции. Целиот тим игра компактно и во одбраната и нападот се однесуваме хомогено сите заедно. Затоа до ден-денес заслугите за доброто однедување на одбраната се на целата група на фудбалери. Денес сите ќе бидеме на голем тест против единствената непоразена екипа во нашата лига„ ни рече еден од браќата близнаци, Степановски. На првиот меч помеѓу овие ривали, тренерот на битолчани Секуловски како изненадување го лансираше Јованчо Трајковски во стартниот тим, а можеби со некој сличен потег и на второто овосезонско дерби, зелените ќе бркаат изненадување.

Нема коментара:

Постави коментар