Powered By Blogger

28. 11. 2014.

Пелистер игра за честа и за својата иднина против чешка Дукла

БИТОЛЧАНИ БРКААТ ПОДВИГ, НО И КУПУВАЊЕ НА ШАНСА ЗА ПОДОБРО УТРЕ НА КЛУБОТ
Ракометарите на Пелистер патуваа 52 часа до Прага и назад за да го одиграат првиот меч од третото коло на Челинџ Купот против Дукла, а нивниот ривал доаѓа со чартер лет и со 10 гола предност од првите 60 минути. Однапред е осуден на неуспех нашиот претставник, иако битолчани денес ќе играат повеќе за гордоста и клубските бои одколку за сензација.
Можеби некогаш моќниот Пелистер и ќе се надеваше да ги стигне огромните 10 голови од првиот меч, но овој во кој скоро сите ракометари со исклучок на Васко Димитровски се дебитанти во европските купови, не се залажува со чудо. Тренерот Николовски и неговиот помошник Поповски се најзалужни што Пелистер и натаму е „на нозе„ бидејќи работат со неверојатна посветеност и желба, иако и тие и ракометарите не добиле плата со месеци, иако немаат основни услови за професионална надградба. Да не беа тие кој знае дали Пелистер ќе имаше ростер за натпревари. Среќа во несреќа е што многуте млади таленти и репрезентативци во младите категории на Македонија, имаат солидна минутажа оваа сезона, иако сигурно подобро ќе „растеа„ кога до себе ќе имаа неколку искусни ракометари. „Мечот во Прага беше специфичен. Не гаевме илузии дека можеме да победиме, но не ни заслуживме пораз од 10 голови. Во една насока знаеме каде грешевме, а и да бидеме искрени темпото до 60 минути не е лесно да го издржи оваа млада екипа. Затоа мораме да ја збиеме одбраната и таму да бараме основа за успех на денешниот натпревар. Да не бидам нескромен, но нашиот ривал не е така моќен, ако ние бевме оној Пелистер кој сакаме и сите посакуваме да биде, ќе беше поинаку. Но победа на мечот во Битола може да биде добра база за нов почеток„ вели кружниот напаѓач Васко Димитровски. Пред две сезони кога Пелистер последен пат играше европски двомеч со шпанскиот Адемар Леон екипата беше комплетно поискусна, па и демонстрираше солиден отпор против многу посилниот противник. Тогаш спортската сала „Младост„ беше преполна на првиот меч во ноември 2012 година. Овој пат нема да биде лесно да се наполни повеќе од една трибина во старата битолска спортска сала, иако „Чкембарите„ се тие кои најмногу инсистират некому да му се подигне свеста и да го згрижи клубот. Првите луѓе тврдат дека делумно само општината помага и во овој момент неосновани шпекулации се дека клубот има други спонзори. Од општинските канцеларии стигнува веста дека по принципот на фудбалскиот клуб и ракометниот ќе се трансформира и можеби ова е шансата да се изврши притисокот и врз стопанствениците за барем од наредниот шампионат Пелистер да биде едно ниво повисоко од тоа што е денес. Затоа мечот со Дукла е многу повеќе за честа на клубот и неговата иднина, одколку за пласман во групната фаза на Челинџ Купот.   

Нема коментара:

Постави коментар