Powered By Blogger

3. 8. 2014.

Петров пак кобен за пелистерци

ДЕРБИ СО МАЛКУ ЕМОЦИИ И ЕДЕН ГОЛ ПОД ТУМБЕ КАФЕ
Прва фудбалска лига - 1 - коло

Пелистер - Вардар 0:1 (0:0)

Градски стадион „Тумбе кафе„ - Гледачи: 5.500
Главен судија: Марјан Ецкоски (Охрид)
Асистенти: Жарко Тодоровски (Охрид) и Илчо Јорданоски (Прилеп)
Делегат: Дане Матеничаров (Дојран)
Стрелец: Петров во 50 минута за Вардар
Жолти картони: Темелков (Вардар)
Црвени картони: нема

Пелистер:
Пашовски, Динчев, Крстески, Степановски, М. Петковски, Љамчевски (од 58м. Мустафов), Анастасов, Трајковски (од 75м. Марковски), Ристевски, Миленковски, Ступиќ

Вардар:
Павловиќ, Хамбарџуњан, Таневски, Грнчаров, Глишиќ, Деспотовски, Глигоров, Гроздановски (од 90м. Иванов), Асани (од 61м. Темелков), Петров, Ивановски (од 71 м. Петковски)

Играч на натпреварот: Филип Петров (Вардар)

Во прекрасен амбиент пред 5.500 гледачи по многу топло време, големите ривали само втор пат во историјата го отворија новиот шампионат. Битолчани без Тодоровски и Брдаровски, а скопјани со проблеми по повредата на Благоја Љамчевски го дочекаа меѓусебното соочување. Мечот почна претпазливо па по еден обостран корнер, Деспотовски се обиде со удар пд преку 30 метри, кој заврши преку голот. Пелистер возврати во 17 минута кога по центаршутот на Миле Петковски од левата страна, најмладиот Трајковски го надскока Глишиќ, но ударот заврши крај дирекот на Павловиќ. Мечот од почетокот ја имаше инерцијата со посед на топката на гостите, но одлична поставеност за младата битолска екипа. Во таква игра ударите од дистанца често беше решение на момците на Андреев, Глигоров во 27 минута си го проба ударот од перку 35 метри, но далеку беше од целта. По половина час Јовче Трајковски два пати проби по десната страна, но во двата случаи му недостигаше добар заден пас или центаршут за пелистерци да го загрозат Павловиќ. Во 41 минута Димче Ристевски падна во казнениот простор при дуел со Филип Деспотовски, но Ецкоски беше блиску и не ја прекина играта. Без директен удар кон двата гола првиот дел заврши како што единствено можеше да заврши, без голови. Вториот дел започна со обидот на Деспотовски од 40 метри да го лобува Пашовски кој претходно погреши при играта со нога, но ударот на бившиот репрезентативец заврши над голот. Првата и најубава можност ја имаше ерменецот Хамбарџумјан кој од преку 30 метри ја здрма пречката на Пашовски. Тоа беше закана за битолскиот гол бидејќи во наредната акција, гостите поведоа. Ерменецот центрираше до главата на Филип Петров кој од 7-8 метри со глава со спротивниот агол ја погоди мрежата и го отвори резултатот. Домаќините уште не се созедоа, а Асани и Гроздановски имаа шанса за втор гол, но домашниот капитен Горан Пашовски со две интервенции го остави својот тим во игра. Првиот потег кој го повлече домашниот тренер Секуловски по примениот гол беше внесувањето на Бурхан Мустафов на местото на Петар Љамчевски од 58 минута. Во 70 минута Филип Миленковски добро мина по левата страна крај Хамбарџумјан но центрираше по земја и одбраната на Вардар расчисти. Гостите се вратија на својата половина, а Пелистер со внесувањето на Благојче Марковски во последните 15-16 минути играше со класични два напаѓачи. Димче Ристевски беше изблокиран при еден удар од голема дистанца во 76 минута. Во 84 минута Ристевски и Марковски повлекоа убава акција низ средината на гостинската одбрана, па Миленковски „фати„ волеј, но ударот заврши високо над голот. Во последните неколку минути Секуловски внесе и трет напаѓач, откако Главевски го замени Миле Петковски. Веднаш на Мустафов му се укажа убава можност од слободен удар, но биеше многу непрецизно над голот.  Заради инцидентите меѓу вардаровите навивачи и полицијата, мечот беше во 10 минутен прекин, па се одиграа дополнителните 2-3 минути без измени на резултатот и состојбите на теренот. 

Нема коментара:

Постави коментар