Powered By Blogger

27. 4. 2014.

Работнички ги спушти пелистерци на земја

ГОСТИТЕ ОД СКОПЈЕ ПОКАЖАА КАРАКТЕР И СНАОДЛИВОСТ ПО ТЕШКИОТ ТЕРЕН И ЗАСЛУЖЕНО ГО ДОБИЈА ДЕРБИТО ВО БИТОЛА
Пелистер - Работнички 1:2 (0:1)

Градски стадион „Тумбе кафе„ - Битола. Гледачи: 500
Главен судија: Јосип Бартон
Асистенти: Иса Емрулаи и Насиф Љатифи (сите од Тетово)
Делегат: Блерим Бесими (Тетово)
Стрелец: Главевски во 89 минута за Пелистер, а Тодоровски во 3 и Маневски во 54 минута за Работнички
Жолти картони: Елмазовски (Пелистер), Силјановски, Трајчевски (Работнички)
Црвени картони: Трајчевски во 85 минута за Работнички

Пелистер:
Пашовски, Брдаровски (од 76м. Динчев), Драгарски, Ковачев, Петковски, Мојсов, Анастасов (од 60м. Главевски), Миленковски (од 70м. Марковски), Мустафов, Елмазовски, Воденичаров

Работнички:
Стојчев, Најдовски, Тодоровски (од 86м. Зајков), Вујчиќ, Маневски (од 69м. Трајчевски), Силјановски, Сулејманов (од 74м. Велковски), Петровиќ, Милушев, Илијоски, Илиевски

Играч на натпреварот:
Борче Маневски (Работнички)

По натопен терен Пелистер и Работнички го играа веројатно најважниот натпревар во сезоната. Бурхан Мустафов влета во стартниот тим за прв пат во сезоната на местото на Николај Христов. Но ако плановите на пелистерци беа брзо да притиснат, од првиот прекин Работнички дојде во водство. Маневски изведе слободен удар, највисоко скокна капитенот Тодоровски и биеше со глава, топката го погоди Брдаровски и го измами Пашовски за водство на „романтичарите„ Гостите подобро се снајдоа на тешкиот терен, а првите закани на битолчани беа со удари од дистанца. Миленковски во 15 и Ковачев од слободен удар во 18 минута шутираа, но двата удари завршија во блокот на Работнички. Во 21 минута бугарскиот голман Божидар Стојчев не беше најсигурен по остриот центаршут на Владица Брдаровски, но стигна да интервенира во вториот обид пред Димитар Воденичаров. Седум минути подоцна пак активниот Воденичаров мина по левата страна и биеше од тежок агол, но Стојчев пак беше на вистинското место. Двете екипи го прескокнуваа средниот ред, а и местата каде теренот е натопен со вода. Така првите тактички планови за мечот „паднаа во вода„ Целта беше како поедноставно да се дојде до противничкиот казнен простор, а тоа не беше воопшто лесно. Воденичаров пак биеше во 41 минута, но Дино Најдоски со помош на натопениот терен успеа да ја избие топката во поле. Скромно прво полувреме, во кое раниот гол на гостите им донесе огромна предност по практично невозможниот терен.
Вториот дел почна со прекин на дождот и  единствена замена во гарнитурата на дресови на пелситерци. Ако во првиот дел играа во бело-зелена комбинација, на почетокот од вториот дел момците на Бочевски излегоа во комплетно зелена комбинација. Во 49 минута најнапред Пашовски го одбрани опасниот шут по земја на Сулејманов, а половина минута подоцна ударот на Александар Анастасов заврши во текот на Илиевски, па во удар од аголот. Најубавиот момент на средбата се случи во 54 минута. Битолчанецот во гостинскиот табор Борче Маневски од свртување од 10-12 метри од десно упати прецизна дијагонала и со инвидуална мајсторија ја зголеми предноста на момците на Ангеловски. На половина час до крајот Благојче Главевски влезе во игра на местото на Анастасов и битолчани мораа да го стигаат дефицитот со два класични напаѓачи. Подоцна во игра влезе и Благојче Марковски како домаќините би добиле на сантиметри во нападот. Но темпото спласна и Работнички без проблеми го приведе мечот кон крај. Бурхан Мустафов во 78 минута ја имаше најзрелата шанса, но во голема гужва Стојчев успеа да ја исфрли топката во корнер. Минута подоцна пак бугарскиот голман ги спаси гостите по ударот на Илир Елмазовски. Но од 84 до 86 минута Душко Трајчевски заработи два жолти картони заради професионални прекршоци и му даде „вештачка иницијатива„ на пелистерци. Трошка надеж на зелените им даде голот на Главевски во 89 минута по центаршутот на Илир Елмазовски од десната страна. По скоро една година прв гол на официјален натпревар за Благојче Главевски. На момците на Бочевски им преостанаа само уште 4-5 минути. Но по неколку центаршутеви и мешаници, пелистерци не успеаа да направат пресврт. Работнички се издигна и по поразот од Металург однесе цел плен од гостувањето во Битола.          

Драган Бочевски
(тренер на Пелистер)

Заслужена победа на квалитетната екипа на Работнички. Брзо примениот гол ни ги поремети плановите и на овој тежок терен не беше лесно да се игра. Дадовме се од себе, но мора да потенцирам дека противникот покажа дека има неспорен квалитет и беше и поснаодлив. Нема што да им замерам на моите фудбалери и сега моја задача е да ги одморам и мотивирам за преостанатите три натпревари.
            
Игор Ангеловски
(тренер на Работнички)

Мојата екипа покажа карактер и кога сите не отпишаа по поразот од Металург, ние се издигнавме. Двете екипи по овој тежок терен покажаа дека имаат свои квалитети, а ние подобро се снајдовме и на време ги постигнавме двата гола. Имаме уште три кола и сега мора да се насочиме на дербито со Вардар, а на Пелистер му посакувам да излезе во Европа.                   
„Водата ја однесе„ екстра премијата за пелистерци


Пред мечот со големо одобрување битолската јавност ја прифати одлуката дека клубскиот спонзор „Пелистерка„ им вети на фудбалерите екстра-премија од 10.000 евра доколку момците на Бочевски освојат најмалку 4 бодови од двата меча со Работнички во Битола и Хоризонт Турново во гости. Но поразот од дебармаалци не остава простор да се стигне до 4 бода, така да екстра-премијата не е достижна за битолчани. Лошиот терен натопен со вода, лошиот проток на топката го направи мечот специфичен и голем дел од вината битолчани треба да ја бараат во нивната неснаодливост по таквиот терен. 

Нема коментара:

Постави коментар