СПОРТОТ ВО БИТОЛА
ЗА 2014 ГОДИНА
Година на големи
човечки загуби во личности и врвни спортисти како Петар Милошевски и Боро
Чурлевски
Ѓоко Хаџиевски по
24 години се врати во Битола како тренер на Пелистер
Оливера Наковска
Бикова стана светска првенка и обезбеди параолимписка норма
Битолскиот куглар
Александар Соколовски освои медал на светско првенство и се избори за место во
тимот на светот
Компанијата
„Цермат„ стана доминантен сопственик на ФК Пелистер
РК Пелистер по
една година се врати во европските купови, но и натаму мака мачи за
егзистенција
Пливачот Иван
Симоновски собори рекорди стари по две децении
Кикбоксерите беа
на европското првенство во Билбао, академијата ЗА-НЕД-ДО ги собра медалите од
мундијалот во Умаг
Христијан Илиоски, втор на источно-европскиот шампионат
во мото-крос
Испреплетена 2014
година со многу тага и болка заради загубата на два битолски спортски сина и
еуфорија за успесите на нашите спортисти пред се на меѓународна сцена, се
мотивите на спортската година. Милошевски, Чурлевски, Хаџиевски, златната
Оливера, битолските кик-боксери, кугларот Соколовски се главните ликови на
нашиот град во турболентната година. Фудбалската јавност, Битола, но и
цела Македонија на средината од март
дожиева шок. Спортска Македонија со огромна тага ја прими веста за
трагичната смрт на директорот на фудбалската репрезентација и еден од
најдобрите фудбалски голмани кои некогаш сме ги имале. Петар Милошевски загина
во тешка сообраќајна несреќа на клучката од автопатот Крива Паланка - Куманово, кај кумановска населба Карпош половина
час пред полноќ. Цел Балкан го
исплакуваше големиот спортист, а подоцна ФФМ својот фудбалски комплекс го именува
„Петар Милошевски спортски комплекс„.
На 26 декември, македонскиот
ракомет стана покус за едно големо име.
Во 49 година од животот, по
долго боледување почина легендата на македонскиот и битолскиот ракомет Боро
Чурлевски. Се до смрта ја предводеше
екипата на Прилеп, а неговата играчка кариера е како на филм, полна со блесоци
и воздигнувања. Во декември враќањето на Ѓоко Хаџиевски како тренер на
Пелистер, привлече голем интерес кај битолската и македонската јавност. На
официјалната прес-конференција враќањето на познатиот стратег по 24 години беше
примено со голем ентузијазам и одобрување. Многу насмевки, озарени лица и
нескриени желби за успешна иднина се забележуваа тие деновиво Битола. Најнапред
со неверување, а потоа со воодушевување битолската „чаршија„ го дочека
враќањето на најтрофејниот македонски тренер во клубот во кој ја доживеа
својата најголема афирмација. Нему ќе му помага Коки Аврамовски, а спортски
директор на клубот е србинот Милош Манојловиќ. Пелистер во 2015 година за прв
пат ќе се подготвува во Анталија (Турција).
Оливера Наковска-Бикова го
освои првото место и големиот пехар во дисциплината паѓачки мети на Светскиот
куп во стрелаштво за лица со инвалидност што се одржа во Шќеќин, Полска. Во дисциплината воздушен пиштол во квалификациите битолчанката го оправда своето високо
реноме и го освои осмото место. На
крајот од годината Оливера постигна извонреден резултат на турнирот во стрелаштво
„Трофејот на Белград„. Таа во
мошне силна конкуренција со активни
олимпијци, иако таа настапува како инвалидизирано лице пак блескаше. На крај се пласира во
финалето на дисциплината 10 метри воздушен пиштол со резултат 378 кругови,
колку што имаше и славната Јасна Шекариќ, која
беше на деветтото место во квалификациите на последната Олимпијада. Најважната придобивка е што избори параолимписка виза за Рио де Жанеиро во
2016 година. На 25 фебруари беше пуштена во употреба новата
стрелана, со што е исполнето
ветувањето кон параолимпијката, но и кон другите љубители на стрелаштво.
Фудбалерите на
Пелистер по фантастичната есен и скоро есенската титула со Драган Бочевски на
чело, имаше турболентна пролет, во која до 4-5 кола пред крајот се бореше и за
титулата и за европските места. Но најнапред заминувањата на клучните
фудбалери, па организационите проблеми и поразите во клучните натпревари
направија зелените да завршат за шестото место. Од ветувачка сезона на крај до
сезона со место во златната средина. Во националниот Куп, Пелистер беше
елиминиран во четвртфиналето од Работнички со севкупни 2:1, по 1:0 за
пелистерци под Тумбе кафе и 2:0 за дебармаалци во Скопје. Пелистер како
минатата зима, така и летото 2014 година го напуштија Стенио Жуниор,
Алтипармаковски, Воденичаров, Ковачев, Христов, Љубенов, Мојсов и екипата
претрпе големи измени. Тренерот Бочевски и неговиот стручен штаб замина на
истекот на договорот, а се врати Марјан Секуловски. Практично без припреми со
неколку новајлии како Крстески, Ступиќ, Тодоровски успеа да собере 18 бода и да
презими на осмото место. Голем дел од овие бодови беа освоени по првите 9-10
кола, кога Пелистер имаше камена одбрана и играше многу рационално. Следеше
голем физички план, серија на мускулни повреди, организациона тензија околу
продажбата на клубот и лоша завршница во која зелените скоро 80 дена беа без
победа и испаднаа од Купот во осминафиналето од Работнички (вкупни 3:2). Меѓу
светлите точки се Бурхан Мустафов и Мартин Мирчевски, кои играа стандардно во
младата репрезентација под 21 година. Во првото коло и „вечното дерби„ со
Вардар заради изолиран инцидент, еден од навивачите на Вардар остана без
неколку прсти на раката, што фрли дамка врз нашиот најголем фудбалски
натпревар. Тренерот Секуловски спогодбено го напушти клубот на едно коло до
крајот на есенскиот дел и се врати во Ајејаведи Јунајтед. Од октомври ФК Пелистер
заврши во рацете на компанијата „Цермат„ како диминантен сопственик и Димче
Шеровски по втор пат беше наименуван за претседател на клубот. Подоцна на 4
декември пристигна Ѓоко Хаџиевски и од песимизам, работите почнаа да се движат
во нагорна линија. Подоцна Наум Љамчевски беше избран за координатор на школата
на клубот. Сепак на крајот од годината Пелистер се раздели со девет фудбалери
од есенскиот ростер: Динчев, Брдаровски, Ристевски, Ступиќ, Ганчев, Марковски,
Главевски, Магловски и Велевски. Фудбалерите кои „никнале„ во школата на
Пелистер зад себе имаа повеќе од позитивна 2014 година. Алтипармаковски блесна
во Работнички и пак е на излезна врата пред меѓународен трансфер. Благојче
Љамчевски ја освои есенската титула со Вардар, а во новата година ќе му се
приклучат и Томе Пачовски од Мехелен и Стефан Спировски од бугарскиот Берое. Кире
Стерјов и битолската колонија во Младост Царев двор влезе во Втората лига за
прв пат во историјата и презими како четврто пласирана. И Кире Ристевски ќе го
менува клубот откако по една година го напушти бугарскиот прволигаш Славија
Софија. Мирко Ивановски дресот на Астра Плоешти го замени со тој на Клуж и
презими на второто место зад Стеауа и со место во полуфиналето на Купот.
Битолскиот напаѓач си го најде местото во првиот тим и се почесто се запишуваше
меѓу стрелците. Томе Китановски замина од Крајова во српскиот Вождовац и по
лошиот старт сега екипата се стабилизира и ќе игра и во полуфиналето на Купот.
Христијан Драгарски направи трансфер во романската Конкордија и одигра десетина
меча во срцето на одбраната на оваа екипа. Николче Новески одбележа една
деценија во Мајнц 05 и покрај повредите сеуште се носи со помладите во една од
најсилните лиги во Европа, Бундеслигата. Борче Маневски ја доби наградата за
фудбалер на годината, заради двојната круна која му ја донесе на Работнички.
Подоцна направи трансфер на Тајланд. Драган Канатларовски од Спартак Суботица,
кого го направи хит во српската Јелен Суперлига и дојде до полуфиналето на
Купот, мина во Нови Пазар. И тука имаше ветувачки старт, но доби отказ по два и
пол месеци работа. Сепак според институтот за статистика ден-денес тој е
најдобар македонски тренер во светот. Младиот Зоран Штерјовски беше хит во
домашното првенство со Силекс, откако во првата сезона по враќањето на клубот
во елитата, презими на четвртото место. Секуловски го доби признанието за
најдобар македонски тренер во странство и се врати во Ајејаведи Јунајтед во
Мјанмар. Бујчевски играше солидно во Ренова, Никола Марковски замина за Мелбурн
(Австралија), Филип Пивковски одлучи да игра за Македонија, а не за Шведска и
дебитираше за младата репрезентација. Фудбалската школа „Талент„ на Златко
Цветановски видно напредна и таленти како Трајчевски и Трапановски денес се
бисери во младите селекции на Македонија и со светла иднина во своите нови
клубови Вардар и Академија Пандев. И школата ЛГ имаше серија на турнири и
афирмација на клубските бои и градот во нашата земја и во странство. Со
генерација 2003 година ја одбрани шампионаската титула. Во мај италијанскиот Емполи за прв пат
одржа камп во Битола на кој се истакнаа Мирчевски и Думевски и минаа 10 дена во
главниот камп на оваа екипа во Италија. ЖФК Конзули стигна до финалето на
Купот, што е најголем клубски успех, а и по есенскиот дел на тековниот
шампионат презими на високото второ место. Позитивна е есента и на вториот
женски фудбалски клуб, Топ-Гол на тренерот Грбевски. Во март беше организиран и
првиотм меморијален турнир во мал фудбал за фудбалски судии „Петар Вељановски -
Мувата„ во чест на прерано починатиот млад битолски делител на правдата.
РК Пелистер пак
имаше година на преживување. Во шампионатот 2013/14 заврши на четвртото место и
по една сезона се врати во ракометна Европа во Челинџ Купот. Во октомври играа
против чешката Дукла Прага и испаднаа, пред се по поразот од 10 разлика во
Чешка. На возвратниот меч во Битола, момците на Николовски достоинствено беа
елиминирани со победа од 6 гола. Доведувањето на Симеуновиќ и Николиќ и растот
на младинските репрезентативци Дрогришки, Кузмановски и Рајатовски, како и
добрата систематска работа на Николовски и Поповски се најпозитивните моменти.
Пелистер презими на петтото место со нешто поведра клима за пролетниот дел од
шампионатот 2014/15. Во последните денови од годината, ракометарите обелоденија
дека им се должат многу заостанати плати и дека со празни џебови ќе ја дочекаат
Новата година. Исто така открија и дека нема да тренираат се додека не бидат
исплатени. За прв пат Битола имаше свое дерби во Првата лига, бидејќи екипите
на Феникс и ХЈС Работник пријавија екипи во вториот ранг по квалитет. Двете
екипи имаа солидна есен и многу професионална организација. Митревски со
Металург стана првак на Македонија, битолската колонија во Зомимак пак заврши
на третото место, а до пред смртта Чурлевски со Прилеп беше втор на табелата
зад струмичани. Констанца со Шундовски и Ангеловски пак ја освои тројната круна
во Романија, плус играше и во завршницата на ЕХФ Купот. Петровски го продолжи
договорот во француска Втора лига, а Томче Петрески по втор пат ја превзеде
екипата Беса Фамилија на Косово. Македонската ракометна репрезентација го освои
11 место на европското првенство во Данска со тројца битолчани во ростерот:
Митревски, Ангеловски и Пецаковски. ЖРК Пелистер се врати по Суперлигата и по
13-14 години во Битола се играше женски ракомет во најсилниот ранг. Екипата
водена од Борче Марковски презими на солидно четврто место и со млади битолски
девојчиња покажа сериозност на својот проект. Најдобрата битолска ракометарка
оваа година беше и без конкуренција најдобра во нашата земја. Мирјета
Бајрамовска потпиша за словенечки Крим и одигра беспрекорна есен, во која беше
прв клубски стрелец и една од најдобрите во Лигата на шампионите.
Кошарката во
Битола остана без прволигаш. Пелистер испадна практично во сезона со негативни
рекорди, а во Втората лига игра во знакот на своите можности оваа полусезона.
Тимот на Печалов на пролет ќе се бори за промоција, иако нема да биде лесно со
истиот истрошен играчки кадар, без засилувања и практично без пари. Мико
Голубовиќ се врати во мак-баскетот и заигра во Штип. Александар Петровиќ на
клупата на Карпош Соколи беше главно изненадување во кошаркарската Прва лига и
успеа да победи и екипи со поголем буџет и историја. КК Младост минатата
сезона го освоија второто
место во кадетска конкуренција,
пред екипата на Струга 2009, а зад шампионот Бадел 1862 од Скопје. Напорната сезона траеше шест месеци во која што се
одиграа дваесеттина натпревари по двокружен бод систем.
Според резултатите
од мото федерацијата на Македонија, битолските мото-кросисти ја имаа најуспешната сезона во кариерата.
Христијан Илиевски беше
вротопласиран на источно-европскиот
шампионат во класата МХ1 со вкупно 322 бодови, а Борче Костов третопласиран со 254 бодови во класата МХ3. Македонија по подолго време имаше своја
трка во источно-европскиот шампионат, на патеката во Лагово крај Прилеп. За жал
и битолскиот мото-спорт тагува за прераната смрт на сопственикот на МК ЛТД,
Тони Гулевски - Бабушо, по несреќа со мотоцикл. Македонските кик-боксери
Александар Најдовски - Сканта и Александар Димовски - Димса станаа државни
прваци и ја претставуваа Македонија на европското првенство во Билбао. Македонскиот
тим на ЗА-НЕД-ДО на Светското
првенство во боречки вештини и борби во Умаг (Хрватска), освои
23 медали. Со 11 златни, 7 сребрени
и 5 бронзени одличја битолчани се вратија со полна вреќа медали. Кугларите на
Хераклеа сезоната 2013/14 ја завршија на петтото место, но направија подвиг со
второто место на „Претседателскиот Куп„ во Скопје, каде само Макпетрол беше
поуспешен од нив. Битолскиот куглар Александар Соколовски стана државен првак и
на крајот од годината доби понуда за настап во тимот на светот во Србија. Скопскиот
интернационален мајстор и репрезентативец Филип Панчевски стана првак на Македонија во шах, а битолскиот велемајстор Влатко
Богдановски беше трет. Шахистите на
Стево Патако го освоија високото второ место во екипниот шампионат на
Македонија и изборија пласман за Лигата на шампионите 2014/15. Пинг-понгарите
на Мултитекс ја освоија есенската титула без пораз во Втората лига на Македонија. Доколку не им се случи голем пад на пролет, од
наредната сезона ќе играат во Првата лига. Христијан Јовановски го освои второто
место на шампионатот на средните училишта. Одбојкарките на Пелистер волеј со
одлична сезона на турнири се наоѓаат многу блиску до пласман меѓу четирите
најдобри во оваа возрасна категорија. Во март 2014 година се одржа пелистерскиот
велеслалом, организиран во
сеќавање на некогашниот дом Копанки.
Во ноември Битола беше домаќин на меѓународниот семинар за реален аикидо наречен „Љубомир Врачаревиќ„ кој го
организираше федерацијата за реален аикидо и неговиот претседател Ѓуро Илиќ. Со
поканети гости од целиот Балкан, околу 100 присутни од Македонија, Грција,
Бугарија, Србија и Црна Гора, неколку дена во центарот за боречки вештини во
Битола, тајните на овој спорт на присутните им ги доближија Радоица Спасовиќ -
9 дан и како специјален гостин Ана Врачаревиќ, ќерка на предвреме починатиот
Љубомир Врачаревиќ. На крајот од годината во Виница се одржа
манифестацијата „Избор на најуспешни гимнастичари и спортски работници за 2014
година„, Натпреварувачите од КГС Партизан од Битола ги освоија поголемиот дел
од признанијата: Димовски,
Кебаковски, Бошевски, Крстевски, Ацевски, Димковска, Силјановска, Илиевска,
Стерјовска и Саламовска беа наградени во своите категории. Четири члена на ПСК
Димитар Илиевски - Мурато, Тони
Тоскоски, Стефан Танчевски, Оливер Топалзолев и Александар Ивановски,
учествуваа во експедицијата за освојување на Килиманџаро во успешниот подвиг на крајот на јануари 2014
година. Битолскиот пливач Иван Симоновски освои безброј медали и собори неколку
рекорди стари и по 10-20 години. Неговиот прогрес е евидентен и пливачот на ПК
Орка, најверојатно кариерата ќе ја продолжи во Австралија. ТК Битола го
прогласи Милош Гугучевски за тенисер на годината. Андреј Милевски многу
напредуваше, Драган Думевски стана државен првак во својата возрасна категорија
и ги освои првите АТП бодови, па учествуваше и на европскиот шампионат. Златко
Павловски стана шампион на Македонија со победата на мастер турнирот за
тенисери преку 50 години. Анета Павловска пак не претставуваше како АТП судија
низ целиот свет. Футсал екипата Цермат со фудбалери од Прилеп, одигра неколку
мечеви и во спортската сала „Младост„ во Битола и ги направи првите чекори за
враќање на овој спорт во нашиот град. Во фебруари Сојузот на спортови на Битола
најави нов, изменет криетериум за избор на спортист на годината и наследник на
Дијана Николовска, која го доби признанието на јубилејниот 50 избор минатата
година.
Нема коментара:
Постави коментар