Powered By Blogger

4. 4. 2015.

„Бомбата„ на Најденов ги замрзна битолчани

НОВ ПОРАЗ ВО ДИРЕКТЕН ДУЕЛ ЗА ОПСТАНОК И ЗНАЧИТЕЛЕН ЧЕКОР НАЗАД ЗА ПЕЛИСТЕРЦИ ВО БОРБАТА ЗА ОПСТАНОК
Прва фудбалска лига - 22 коло
Пелистер - Хоризонт Турново 0:1 (0:0)

Градски стадион под Тумбе кафе - Битола. Гледачи: 1500
Главен судија: Горан Спиркоски
Асистенти: Зоран Костоски и Марјан Смилкоски (сите од Прилеп)
Делегат: Горан Михајловски (Скопје)
Стрелци: Најденов во 81 минута за Хоризонт Турново
Жолти картони: нема
Црвени картони: нема

Пелистер:
Драгојевиќ, Тодоровски (од 46м. Анастасов), Велкоски, Биљали, Мустафов, Петрески, Степановски, Станојевиќ (од 75м. Миленковски), Петковски, Љамчевски (од 58м. Смоковски), Чешмиџиев

Хоризонт Турново:
Захов, Илиев, Мутафчиски, Танушев (од 63м. Стоилов), Мавров, Кочоски, Ѓорѓиев (од 75м. Крстовски), Иванов (од 77м. Ташев), Дориев, Милушев, Најденов

Играч на натпреварот:
Бојан Најденов (Хоризонт Турново)

Во директен дуел за опстанок, Пелистер и Хоризонт Турново под Тумбе кафе играа витален меч за својата иднина. Методија Степановски се врати по половина година во стартниот тим на зелените, а турновци мораа и на овој меч без казнетиот Горан Пандев. Првата закана ја имаа домаќините во 6 минута, кога по центрашутот на Тодоровски, со глава биеше Биљали, но над голот на Захов. Уште поголема можност имаше Ѓорѓиев во 9 минута, но од изгледна позиција од десната страна биеше крај дирекот. Минута подоцна по центаршутот на Петрески, Игор Станојевиќ со глава не ја зафати најдобро топката, иако имаше изгледна позиција. Во 13 минута по корнерот од десната страна, Мустафов и Петрески проиграа, Степановски со глава ја „закова„ топката од 5-6 метри, но Захов со парада ја исфрли топката во поле. Домашните фудбалери и стручниот штаб бараа гол, бидејќи интервенцијата изгледаше како да е од зад гол линијата, но прилепските судии не покажаа на центарот. Минута подоцна младиот Кочоски имаше голема шанса да ги доведе црвено-белите во водство, но од изгледна позиција биеше крај голот. Дориев во 16 минута се одлучи на удар по земја од голема далечина, но шутираше за малку крај дирекот. Позитивниот момент на гостите лесно можеше да донесе водство во 18 минута. Ѓорѓиев изби сам пред Драгојевиќ, по лошата проценка на целата одбрана, го мина и црногорскиот голман, но отиде во мртвиот агол и неговиот удар го блокираше Степановски. Одговорот на Пелистер беше ударот на Лутви Биљали минута подоцна, но неговиот волеј од десната страна, Захов го одбрани. По десетина минута затишје, Чешмиџиев се обиде од преку 30 метри, но биеше непрецизно над гостинскиот гол. Реакцијата на гостите беше двојната шанса на Кочоски и Дориев во 32 минута, но Драгоевиќ беше сигурен на голот. Најубавата акција во мечот ја инспирираше Љамчевски во 37 минута, Станојевиќ излезе сам пред Захов, биеше по земја, но искусниот голман успеа да го спаси својот гол. Голманот на Хоризонт Турново го одбрани и шутот на Биљали во 43 минута од непосредна близна. Огромна двојна шанса имаа гостите во судиското надополнување од првиот дел. Ѓорѓиев излезе сам пред Драгојевиќ, кој му одбрани зицер, а потоа Дориев од дистанца го префрли голот. На содржајното прво полувреме му недостигаа само голови. На почетокот на второто полувреме, Хаџиевски го внесе Анастасов на местото на Тодоровски и ја насочи екипата нешто поофанзивно. Најденов од слободен удар во 56 минута ја имаше првата шанса во вториот дел. Силно шутираше од 25-26 метри, но Драгојевиќ одби во поле. Во 13 минута од продолжението шанса доби и Милорад Смоковски на местото на Љамчевски. По еден час игра пак од далечина шутираше Чешмиџиев, но не ја погоди рамката од голот на турновци. Гостинската клупа го извади Ѓорѓиев во последните 15 минути, задоволувајќи се со почетниот резултат. Само што влезе Миленковски имаше добра шанса по центаршутот на Смоковски, но биеше во гостинскиот блок на Мутафчиски. И кога мечот комплетно се насочи кон реми без голови, гостинскиот фудбалер за врска Бојан Најденов од скоро 30 метри упати неодбранлив „проектил„ кој ниту фантастичниот Драгојевиќ не можеше да го одбрани. Објективната битолска публика со аплауз го награди инвидуалниот потег на фудбалерот на Хоризонт Турново. Примениот гол ги „замрзна„ домаќините, кои и покрај видливата желба не можеа да создадат зрела шанса во завршницата. И по неколку минути надополнување, минималното водство на Хоризонт Турново не се менуваше и во изедначен меч, Пелистер претрпе нов пораз и ја искомпликува задачата во последните два месеци од сезоната. Хоризонт Турново дојде по бод, а освои три на стадионот под Тумбе кафе.

Нема коментара:

Постави коментар