Powered By Blogger

2. 3. 2015.

Битолчани рушат негативни рекорди - Пелистер 167 дена без победа и без домашен гол

КРИЗАТА НА РЕЗУЛТАТИТЕ НА ПЕЛИСТЕР КАКО ДА НЕМА КРАЈ. ЦРНИТЕ РЕКОРДИ ЈА ЗАЧУДУВААТ НАВИВАЧКАТА АРМИЈА
По поразот на домашен терен од Брегалница, Пелистер значително ги намали своите шанси за скок во првата половина на табелата, но пред се ги продлабочи своите негативни рекорди, кои како никогаш до сега во историјата на македонскиот фудбал надвиснале над него. Цели 13 првенствени натпревар, вкупно 15 заедно со Куп осминафиналето со Работнички, Пелистер не знае за победа.
Последен пат победи против Тетекс на 14 септември 2014 година во Битола со 3:0, кога екипата ја водеше Секуловски, а во нападот погодуваше Бошко Ступиќ. Од тогаш седум првенствени и еден Куп натпревар во Битола, гледачите не виделе гол, или во превод преку 650 минути без тресење на гостинската мрежа во Битола. Звучи неверојатно но во пет и пол месеци, Пелистер има само еден постигнат гол и тоа Ступиќ во Тетово против Тетекс во мечот кој заврши 1:1 на 23 ноември минатата година. 167 дена Пелистер е без победа и исто толку време љубителите на фудбалот под Тумбе кафе не се израдувале на гол на Пелистер. Од тој момент Силекс, Ренова, Брегалница однесоа цел плен од теренот на зелените, а Хоризонт Турново и Шкендија по бод. Да не говориме дека новата управувачка структура на клубот нема победа откако клубот доби доминантен сопственик. Битолчани не ги милува ниту распоредот бидејќи играат со Шкендија, Работнички и Вардар во првите три кола од третиот круг. Мечот со Работнички на 15 март најверојатно ќе биде последниот кој Пелистер оваа сезона ќе го одигра под Тумбе кафе, бидејќи потоа најавен е почеток на реновирање на стадионот и изградба на новата трибина, па момците на Хаџиевски ќе бидат домаќини на алтернативен терен, најверојатно во Охрид.  

Нема коментара:

Постави коментар