ПЕЛИСТЕР МИРУВАШЕ ЕДЕН МЕСЕЦ, НО ДЕНЕС ГИ ПОЧНА ПОДГОТОВКИТЕ ЗА ПРОЛЕТТА ОД КОЈА МНОГУ ОЧЕКУВА
Денес на пладне
во снежен амбиент на градскито стадион под Тумбе кафе, официјално започнаа
подготовките за вториот дел од сезоната на комплетно новиот Пелистер. Хаџиевски
прозиваше тим кој е многу изменет за разлика од тој кој обезбеди 18 бода и
презими на 8 место. Заминаа Брдаровски, Динчев, Ступиќ, Ганчев, Марковски,
Главевски, Ристевски, Магловски, Велевски и тимот до овој момент презентира пет
новајлии.
Нови пелистерци се србите Митиќ и Станоевиќ, младиот охриѓанец Трчески,
Виктор Талевски и Љутви Билали. „Со огромен ентузијазам го почнувам овој
проект. Уште од самиот почеток им кажав на фудбалерите кои се нашите цели и што
барам од нив. Дисциплината е на прво место. Пелистер мора да биде пример за
сите останати. Тренингот со топка ќе ни биде сопатник цел овој период. Уште од
првиот тренинг ќе тренираме со топката. Ниту лошото време, недостатокот на
терени и слично нема да ни бидат никаков проблем. Организирани сме, знаеме што
сакаме и одиме по вистинскиот пат. Се потпираме на млади сили, еве денес имаме
пет новајлии, главно млади момчиња, но тука за нас не завршува преодниот рок.
Не сме оптеретени со време дека мора утре по секоја цена да доведеме нови фудбалери, но верувам дека ќе дојдат уште
5-6 фудбалери до нашето заминување во Анталија на 2 фебруари„ рече Хаџиевски на средбата со новинарите. Капитенот Горан Пашовски со нескриен оптимизам ја пренесе атмосферата меѓу фудбалерите: „Атмосферата во соблекувалната е одлична. Сите со нетрпение го чекавме почетокот и верувам дека добро ќе се подготвиме. Не очекува напорна работа и се надевам, плодна пролет. Верувам дека пак ќе бидеме оние херои на Битола од почетокот на сезоната„. До крајот на јануари битолчани очекуваат уште неколку засилувања како тимот би добил физиономија и би бил комлетен. Спортскиот директор Милош Манојловиќ верува дека овој тим ќе има повеќе квалитет од оној од есенскиот дел на шампионатот. „Почнуваме полни со ентузијазам и целта ни е да направиме посилен Пелистер од оној кој го имавме минатата есен. Важно е што знаеме што сакаме и во кој правец се движиме. Заедно со нашите навивачи не очекува втор дел од шампионатот во кој верувам дека ќе ги оствариме зацртаните цели„ рече Манојловиќ. Потврдено е дека во стручниот штаб на Хаџиевски покрај Коки Аврамовски и тренерот на голманите Сашо Петровски ќе биде вклучен и Миле Димов, кој во клубот беше вклучен и како тренер и како спортски директор. По денешниот прв тренинг, утре Хаџиевски закажа два тренинзи, а првиот слободен ден е в недела. Наредната недела се очекува и првиот полесен тест, а на 22 јануари Пелистер во Охрид ќе игра пријателски меч со Спартак од Суботица.
Нема коментара:
Постави коментар