18. 2. 2014.

Нова победа на новиот Пелистер

СО ИДЕНТИЧЕН РЕЗУЛТАТ КАКО ВО ОХРИД, РАКОМЕТАРИТЕ НА ПЕЛИСТЕР СЛАВЕА И ВО СКОПЈЕ ПРОТИВ ПРОЛЕТ
Пролет - Пелистер 28:29 (13:17)

Во шестиот контролен натпревар во подготовките за вториот дел од првенството, ракометарите на Пелистер забележаа победа во Скопје против тимот на Пролет, од кого загубија во меч за првенствени бодови минатата есен.
Во меч со многу подобри напади од одбрани, ракометарите на Пелистер многу подобро го отворија мечот и брзо преку Јанев и Вешовски поведоа со 2:5, подоцна и со 6:9. Србинот Филиќ погодуваше често од позицијата на лев бек и зелените дојдоа до највисоки +5 во 22 минута. Кога на тоа ќе го придодадеме и одличниот голман Владислав Вакаруз, кој одбрани неколку тешки топки во финишот на полувремето, заслужено момците на Томче Петрески на полувреме заминаа со 13:17. Во вториот дел домаќините долго време играа со човек повеќе и во таква игра Стојановски и Димитровски го вратија тимот на Пролет во мечот (19:20). Но брзоноголото крило Бобан Блажевски со серија на голови од полуконтра и контра, ја валоризираше добрата игра во одбрана. Така битолчани заминаа до 23:27 и победникот беше одлучен. Тимот на Пролет имаше завршен обид да фати приклучок, но дојде до гол заостанување во последната минута, за пораз од еден разлика. За тимот на Пелистер најефикасен беше Дарко Јанев со 6 гола, колку што постигна и Јуравлиов. Блажевски беше автор на 5, а србинот Филиќ постигна 3 гола. Најмладиот од засилувањата Ракочевиќ беше стрелец на еден гол и тоа во фазата кога се кршеше резултатот. Победа за самодоверба и за засилен морал на битолчани, кои до крајот на неделата уште еднаш ќе  играат со Пролет, овој пат во спортската сала „Младост„ во Битола. 

Нема коментара:

Постави коментар