Powered By Blogger

14. 9. 2014.

Најубедливиот Пелистер оваа сезона пресилен за Тетекс

ЧЕТВРТА ПОБЕДА ОВАА СЕЗОНА ЗА ФУДБАЛЕРИТЕ НА ПЕЛИСТЕР И СКОК НА ВТОРОТО МЕСТО НА ТАБЕЛАТА
Прва фудбалска лига - 7 - коло

Пелистер - Тетекс 3:0 (2:0)

Градски стадион под Тумбе кафе. Гледачи: 1000
Главен судија: Стојанче Стојанов
Асистенти: Никола Караколов и Сашо Иванов (сите од Штип)
Делегат: Ванчо Митров (Струмица)
Стрелци: Љамчевски во 26, Ступиќ во 30 и Ристевски во 65 минута за Пелистер
Жолти картони: Тодоровски, Степановски (Пелистер), а Адем, Мишовски, Кралевски, Ристовски (Тетекс)
Црвени картон: нема

Пелистер:
Пашовски, Петковски, Крстески, Степановски, Миленковски, Анастасов, Мустафов, Брдаровски (од 90м. Атанасовски), Ристевски (од 83м. Мирчевски), Љамчевски (од 66м. Тодоровски), Ступиќ

Тетекс:
Манчевски, Жепчевски, Кралевски, Божиновски, Јовановски, Ристовски, Начевски, Адем (од 46м. Блажевски), Да Силва Алвес, С. Христов, Мишовски

Играч на натпреварот:
Владица Брдаровски (Пелистер)


Пред 1000 љубители на фудбалот, Пелистер и Тетекс започнаа ангажирано и офанзивно. Првата закана на битолчани ја имаа во 6 минута, кога центаршутот на Миле Петковски не го прифати ниту еден од домашните фудбалери. Во 16 минута од прекин се обиде Анастасов, но неговиот центаршут беше предолг, па заврши во рацете на Манчевски. Три минути подоцна пелистерци бараа пенал по ударот на Методија Степановски во раката на Кралевски, но штипскиот судија Стојанов беше блиску и не покажа на белата точка. Во централната фаза на полувреме настана изедначеност, но и видлива амбиција на домаќините да се наметнат. Во 26 минута по акцијата на Брдаровски и неговиот центаршут, Ступиќ кратко ја допре топката и на втора статива се придодаде Петар Љамчевски и ја смести топката во мрежата на Манчевски. Четири минути подоцна по првиот домашен корнер, изведен од Александар Анастасов, највисок во скокот околу пеналтикот беше Бошко Ступиќ и ефектно ја „закова„ топката во мрежата на тетовчани. Гостите станаа нервозни по вториот примен гол и му ја препуштија играта на зелените на Секуловски. Единствената закана ја упати Начевски пред одморот, но биеше млако и покрај дирекот на Пашовски. Вториот дел започна со влегувањето на Мартин Блажевски на местото на Адем кај гостите. Единствената реакција на гостинските сини беше ударот на Симеон Христов со глава во 57 минута, но десниот дирек го спаси Горан Пашовски. Пет минути подоцна истиот фудбалер се обиде со удар од голема далечина, но биеше крај левата статива од домашниот гол. Пелистер тоа можеше да го казни, но Диме Ристевски кој по одличен контранапад излезе очи в очи со гостинскиот голман Манчевски, не успеа да го совлада. Но затоа две минути подоцна истиот фудбалер двојно проигра со Владица Брдаровски, овој несебично врати во средината и од само 5-6 метри Диме Ристевски ја втурна топката во празната мрежа. Пелистер ја круниса мудрата и квалитетна игра со гол за мирна завршница. Иако преку Христов и Цветаноски во финишот Тетекс имаше шанси за почесен гол, сепак Пелистер со убедливи 3:0 ја забележа четвртата радост и изби на второто место на табелата.              

Нема коментара:

Постави коментар