Powered By Blogger

7. 9. 2014.

Митко Стојковски: „Во соблекувалната тагувавме за ремито со Данска, знаевме дека имаме одлична генерација„

ЈУБИЛЕЈ ОД 20 ГОДИНИ ОД ПРВИОТ МЕЧ И ПРВИОТ ГОЛ НА МАКЕДОНСКАТА ФУДБАЛСКА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА
Откако минатата година одбележавме две децении од првиот меч на македонската фудбалска репрезентација и победата во Крањ над Словенија од 4:1, деновиве се навршуваат 20 години од нашиот прв официјален меч. Од гостувањето на изненадувачкиот европски првак од Шведска 1992 година, Данска на Ричард Мелер Нилсен, од советите на Дончо, првиот гол кој ќе остане запишан во историјата дело на Митко Стојковски, црвениот картон на Дарко Панчев, ремито против фаворитот.
Сега голем дел од нашите јунаци од првиот официјален натпревар се и натаму во светот на фудбалот, еден од нив сега е селектор на најсилната репрезентација, друг до неодамна ги водеше надежите до 21 година, некои пак се одлучија да се посветат на други работи во животот. Битолчанецот Митко Стојковски кој уште во втората минута ги „начна„ данците, со успех беше спортски директор на неговиот Пелистер меѓу 2006 и 2009 година, а од тогаш не е директно инволвиран во фудбалскиот свет. Неговото присеќање на 7 септември 1994 година секогаш со насмевка на лицето, открива дека тој гол и таа генерација многу му значат и со задоволство раскажува за нив. Македонската фудбаска јавност беше желна и со месеци го чекаше мечот со европскиот првак Данска. Преку пријателски мечеви со Словенија, Ерменија, Турција, селекторот Дончевски можеше да провери дека има на располагање одлична група на фудбалери. Во Скопје се бараше билет повеќе, а Стојковски се присеќа на еуфоријата: „Веднаш можеше да се насети дека тоа ќе биде голем меч. Пред мечот бевме мотивирани, желни за игра, а по мечот ние бевме тие кои тагувавме што не победивме, а не данците. Се сеќавам дека селекторот ми даде нова улога да играм во средниот ред заедно со Бошко Ѓуровски и Бобан Бабунски. Одлично се снајдов на тоа место, иако не беше мојата природна позиција. Голот на почетокот посебно ми е драг, бидејќи на сите многу ни значеше. Бевме одлично внесени во мечот, ги добивавме дуелите, ни пораснаа апетитите. Дури и кога останавме со човек помалку релативно брзо (Марио Ван дер Енде го исклучи Панчев на почетокот на вториот дел), Данска не не доминираше. Се сеќавам дека имавме убава шанса преку Станојковиќ и Канатларовски да дадеме втор гол и наместо да дадеме, примивме и тоа од контранапад. Во соблекувалната, иако тоа беше голем резултат посебно за една репрезентација - дебитант, се сеќавам дека сите жалевме што не ги добивме данците. Тоа беше еден од нашите најкомплетни натпревари„ се сеќава Стојковски. Битолчанецот немаше среќа со повредите кои не го штедеа во текот на целата кариера. Првиот гол за националната селекција го постигна како играч и капитен на Црвена Звезда, а играјќи за германски Штудгарт во Загреб пред мечот со Хрватска, почувствува нова болка во коленото и тука застана на 26 репрезентативни мечеви. Некои како првиот со Данска или оној со Република Ирска кога постигна два гола од пенал во победата од 3:2, Стојковски нема никогаш да ги заборави. Впрочем Митко од секогаш бил обележан како човек за најважни голови. Така беше и кога го носеше дресот на Црвена Звезда и кога постигна гол во легендарното 100 вечно дерби со Партизан, а и кога на крајот на кариерата во дресот на матичниот Пелистер погоди во финалето на Купот на Македонија во 2001 година против Слога Југомагнат во победата за единствениот трофеј во историјата на неговиот матичен клуб. „Мечот со Данска го чекавме долго време. Со таков жар игравме во тој циклус, што видливо беше дека „гинеме„ за националните бои. А игравме во многу силна глупа со европскиот првак Данска, моќната Шпанија, Белгија на Шифо„ се сеќава Стојковски.Подоцна во тие квалификации Македонија и во Копенхаген беше силен и достоен ривал за Данска и загуби само со 1:0. Оа нашата квалификациона група на еврооското првенство во Англија заминаа Шпанија и Данска, а Македонија квалификациите ги заврши на четвртото место. Така изгледаше нашето огнено крштевање, нашите први чекори од кои изминаа 20 години и од мечот со тогашниот европски првак, пак денес се подготвуваме за дуел со континенталниот владетел.   

Нема коментара:

Постави коментар